Вицепремиерот Бујар Османи учествуваше во вторникот на 13-от состанок на Советот за стабилизација и асоцијација, на кој Европската комисија ја претставуваа високата претставничка за надворешна и безбедносна политика и потпретседателка на ЕК, Фредерика Могерини, како и комесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан.
Османи го образложи ткн „План 3-6-9“, и изрази задоволство од поддршката од меѓународните партнери при негово создавање, поддршка која очекува сега да продолжи и при неговото имплементирање.
Ги повтори заложбите на Владата на Република Македонија за затворање на сите отворени политички прашања и отстранување на сите пречки за реактивирање на евроинтегративните процеси.
„Сакам да испратам јасна порака дека ‘Планот 3-6-9’ ќе биде спроведен. За оваа наша намера постои внатрешен општествен консензус и ние како Влада на тоа се обврзуваме. Веќе се изготвени работни групи, ад-хок тела, како и процедури за мониторирање и рано предупредување на евентуалните застои во имплементацијата на Планот“, рече Османи на прес-конференцијата по завршувањето на состанокот.
Додаде дека во истиот контекст, Владата веќе ги адресира и отворените политички прашања, како што се односите со соседите, но и донесување на законот за употреба на јазиците.
Во изминативе 30 дена, ова е трета посета вицепремиерот Османи на Брисел, што тој го толкува како јасен сигнал дека фокусот на новата Влада, изминатиов период, се евроинтеграциите.
„Ние, и како земја и како Влада, очекуваме, согласно успешното адресирање и отстранување на пречките, да добиеме конкретни чекори од страна на Европската Унија, кои јасно би ја рефлектирале визибилноста на европската перспектива на Република Македонија“, истакна Османи на крајот од своето обраќање.