Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека нема да биде адвокат на комунистичкиот период, коментирајќи ја изјавата на неговиот бугарски колега Николај Милков дека нема да дозволи во Македонија да се врати црната традиција на палење, стрелање и насилство.
– Ако очекувавте од мене дека јас ќе бидам адвокат на комунистичкиот период, тоа нема да го добиете од мене. Затоа што јас ниту ќе го пофалам тој период од мои причини, нема да го критикувам како министер за надворешни работи, бидејќи претставувам граѓани кои имаат поинакво мислење и таа тема ќе ја оставам на историчарите – рече Османи.
Тој е категоричен дека политиката и историјата не треба да се мешаат.
– Политичари и историја не. Комунистички период јас нема да коментирам, ни овде, ни во Софија, никаде. Ако мислите дека Милков рекол дека сега се случува тоа, јас реагирав веднаш и фактот што јас бев таму е токму тоа. Во име на владата доаѓам тука, се грижам за секој наш државјанин каде и да е, од која било етничка припадност и дека нема државна политика на дискриминација, туку напротив, ние ќе создадеме атмосфера на нула толеранција на говор на омраза и насилство – изјави денеска министееот Османи за време на посетата на полицискиот центар „Ѓорче Петров“ заедно со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и шефот на Мисијата на ОБСЕ Килијан Вал.
Во неделата во Софија техничкиот министер Милков заедно со Османи го посетија секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, охриѓанецот Христијан Пендиков, кој беше нападнат и повреден на 19 јануари, а потоа со бугарски владин авион беше пренесен на лекување во бугарскиот главен град. По посетата, стоејќи покрај Османи, Милков изјави:
– Момчето настрада заради своите идеи. Еден маж со кауза која што ја застапува. Ситуацијата не треба да продолжи на овој начин. Треба да се стави крај на атмосферата на неказнивост која што раѓа и ново насилство. Тука сум да кажам ‘не’ на враќањето на тие црни традиции кои што се врзуваат историски за Македонија, на палење, на стрелање, на насилство врз луѓе. За такво нешто нема место во Европа – кажа тогаш Милков.
За ваквата изјава на Милков претседателот Стево Пендаровски во понеделникот рече дека единствено може да биде точна ако бугарскиот министер мисли на периодот 1941-44 година. Додаде и дека таа изјава е прилично грозна и го покани Милков кога ќе има слободно време да прошета до Ваташа, „да види дел од таа традиција“.