Османи за извештајот на ЕК: Политичката поларизација и блокадата на парламентот се главните слабости што ги констатира извештајот на ЕК

Според она што јас го имам како информација од извештајот е дека во суштина слабостите што ги констатира Европската комисија (ЕК) се политичката поларизација и блокадата на парламентот каде што се носат законски и реформски решенија. Ова на денешната прес-конференција го изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи прашан за своите очекувања во врска со извештајот на Комисијата за напредокот на С Македонија.

„Јасно во извештајот вели дека политичката поларизација и блокирањето на парламентот оневозможува да се донесат голем број на законски и реформски решенија коишто би ги адресирале слабостите коишто евентуално ги констатира ЕК и тоа навистина е сериозна порака до сите политички партии“, изјави Османи на денешната прес-конференција.

Министерот додаде дека ова не е порака само до Владата, туку и до опозицијата, која, како што рече, со години преку филибастеринг го блокира парламентот единствено поради партиско-политички дневен интерес и со тоа, како што вели, не го дозволува носењето важни законски решенија.

„Во една каузална терапија го лечите проблемот, а не симптомот. Ова што го гледаме како детектирана слабост се симптоми на еден проблем, а проблемот е политичката поларизација, односно обид да се ставаат партиските интереси над државните. Иронија е да се повикувате на борба против корупцијата, а да го блокирате отворањето на поглавјата 23 и 24 кои во суштина се борба против корупцијата. Политичари кои велат ‘сакаме да се бориме против корупцијата, но не сакаме да се отворат поглавјата’ е апсолутно контрадикторно едно со друго и е иронија и е смеење во лицето на граѓаните“, додаде министерот.

Вака шефот на дипломатијата одговори на прашањето во врска со неговите очекувања од годинашниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјава.

Вели дека на извештајот на Комисијата треба да се гледа како на укажување на напредокот и на слабостите со цел Владата, но и целокупното општество во целина да ги адресираат тие слабости во годината што следува. А најдобар начин за нивно адресирање, додаде Османи, е преку отворање на кластерите.