Османи најавува „нова динамика“ во комуникацијата со Бугарија

Оптимист сум дека со новиот пристап на градење доверба преку секторска соработка и со завршувањето на изборниот процес во Бугарија ќе го вратиме амбиентот на рационална дебата, која очекувам да се случи од понеделник со цел сериозен ангажман на двете страни во надминување на разликите за да се добие можност во јунско-јулските самити на ЕУ да се донесе консензус по однос на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Османи рече дека поминал неколку изборни процеси и затоа знае дека изборите секогаш ги „киднапираат“ редовните политички процеси и ги подигнуваат емоциите на високо ниво, со што се губи рационалноста и ја нема нормалната комуникација.

„Ова ме прави оптимист дека по овој изборен процес кој се одвива во Бугарија ние ќе се вратиме во една нормална комуникација, рационална дебата, едно разгледување на нашите позиции и фокус кон иднината повеќе, отколку кон минатото. Знаејќи дека постои доволен потенцијал во двете држави за да се вратиме во оваа нормалност и рационалност во комуникацијата јас сум многу оптимист дека од понеделник ние започнуваме со друга поинаква динамика на комуникација со Бугарија што значи дополнителни напори во месеците што следат за да се фати оптималната можност за започнување на преговорите на Самитот во јуни оваа година“ изјави Османи, прашан дали по изборите во Бугарија очекува промена на бугарскиот курс по однос на нашето прашање.