Основачот на платформата Телеграм, Павел Дуров ја даде својата прва изјава по апсењето во Париз.
Дуров изјави дека помогнал во борбата против тероризмот во Франција, односно во создавањето „жешка линија“ меѓу таа апликација и Париз. Прашањата поставени од француските власти за време на сослушувањето ги нарече „неверојатни“, пренесе РИА Новости.
„Доколку некоја земја не е задоволна од онлајн услугата, сегашната практика е да поднесе тужба против самата услуга. Користење на закони донесени во деновите пред постоењето на паметните телефони за кривично гонење на извршниот директор (на онлајн услуга) за злосторства извршени од трети лица на платформата што ја контролира, претставува погрешен пристап“, рече Дуров во пораката објавена на неговиот канал на Телеграм.
Дуров беше приведен на аеродромот во Париз Бурж на 24 август и е осомничен за десет кривични дела, вклучително и соучесништво во управувањето со онлајн платформа заради спроведување нелегални трансакции од страна на организирана група, а може да се соочи со казна затвор до 10 години.
Тој беше пуштен од затвор на 28 август со кауција од пет милиони евра, а му е забрането да ја напушта француската територија и мора двапати неделно да се јавува во полиција.
Француските власти издадоа налози за апсење на основачите на Телеграм, браќата Павел и Николај Дуров, на 25 март под обвинение кои вклучуваат соучесништво во поседување, дистрибуција и ставање на располагање на порнографски слики на малолетници.