Основачот на Telegram вели дека апликацијата ќе надмине милијарда корисници

Апликацијата за пораки Телеграм, една од најпопуларните социјални платформи, ќе надмине една милијарда месечни активни корисници во рок од една година бидејќи ќе се шири како „шумски пожар“, изјави во вторникот милијардерот Павел Дуров, основач на Telegram.

Платформата Telegram, чие седиште е во Дубаи, ја започна Русин кој ја напушти својата земја во 2014 година, откако се оглуши на барањата за затворање на опозициските групи на социјалната мрежа ВК којашто ја продаде.

„Најверојатно ќе надминеме милијарда корисници во рок од една година. Telegram се шири како шумски пожар“, изјави Дуров во интервјуто со американскиот новинар Такер Карлсон, кој го објави видеото на X.

Деловниот магазин Forbes проценува дека Дуров собрал богатство вредно 15,5 милијарди американски долари. Дуров признава дека некои влади се обиделе да извршат притисок врз него, но тврди дека апликацијата, која сега има околу 900 милиони активни корисници, треба да остане „неутрална“, а не „некој играч во геополитиката“.

Еден од неговите главни ривали, WhatsApp на компанијата „Meta“, има повеќе од две милијарди активни корисници. Весникот The Financial Times во март напиша дека Telegram, откако компанијата ќе постигне профитабилност, најверојатно ќе биде котирана на американската берза.

Платформата за размена на пораки и материјали Telegram, која е особено присутна во поранешните републиките на некогашниот Советски сојуз, е една од најважните социјални мрежи по Facebook, YouTube, Instagram, TikTok и Wechat.

Откако Русија ја започна својата инвазија во Украина во 2022 година, Telegram стана главен извор на нецензурирана, а понекогаш и експлицитна и погрешна содржина од двете страни за војната и политиката поврзана со тој конфликт.

Дуров дојде до идеја за шифрирана апликација за пораки како начин за комуникација додека е под притисок во Русија. Енкрипцијата ја дизајнираше неговиот помлад брат Николај.

Вели дека ја напуштил Русија затоа што не сакал да прима наредби од ниту една влада и ги отфрла тврдењата дека Русија го контролира Telegram. Тоа, рече Дуров, се лаги што ги шири конкуренцијата.

Во разговор со Карлсон, вели дека по заминувањето од Русија, својот нов дом го побарал во Берлин, Лондон, а потоа во Сингапур и Сан Франциско, но дека бирократијата таму, особено кога станува збор за потрагата по таленти низ светот, била премногу заморна и напорна.

Но, уште полошо, продолжи тој, (американското Федерално биро за истраги) FBI било заинтересирано за него, а американските агенции сакаа да регрутираат еден од неговите инженери за да им го открие „задниот влез“ во платформата, со цел да ги следат комуникациите меѓу корисниците.

Од FBI не одговориле на барањето за коментар од страна на агенцијата Reuters.

Што се однесува до слободата на говорот, Дуров тврди дека најголемите предизвици не се владите, туку големите конкуренти како „Apple“ и пребарувачот Google на „Alphabet“.

„Тие две платформи можат да цензурираат сè што ќе прочитате, можат да пристапат до вашиот паметен телефон“, рече Дуров, додавајќи дека на Telegram му рекле дека доколку не се усогласи со нивните упатства, ќе го отстранат од нивните продавници.

Затоа, рече Дуров, се одлучив за „неутрална земја“ која сака да биде пријател на сите и не е поврзана со ниту една од велесилите. „Тоа беше најдоброто место за неутрална платформа“, рече Дуров.

Дуров, освен пари или биткоини, не поседува ниту еден голем недвижен имот, како што се огромни имоти, авиони или јахти, бидејќи, како што рече, „сака да биде слободен“.