Коосновачот на Bytdance, матичната компанија на социјалната платформа Тикток, Жанг Јиминг стана најбогатиот човек во Кина и неговата пазарна вредност се проценува на 49,3 милијарди долари, што е за 43 отсто повеќе од минатата година, објави денеска кинескиот истражувачки институт Хурун.
Жанг Јиминг поднесе оставка од својата позиција во Bytedance во 2021 година, но се верува дека сè уште поседува околу 20 отсто од компанијата, јавува Би-Би-Си.
Извршниот директор на Институтот Хурун, Руперт Хогеверф, истакна дека Жанг Јиминг е веќе 18-та личност која е прогласена за најбогата личност во Кина во последните 26 години, што зборува за динамиката на развојот на кинеската економија.
За споредба, во истиот период, позицијата најбогат човек во Соединетите Американски Држави ја замениле само четири лица – Бил Гејтс, Ворен Бафет, Џеф Безос и Илон Маск.
Според извештаите, само 30 отсто од луѓето на листата на кинески богаташи забележале зголемување на нивната пазарна вредност оваа година, додека останатите забележале пад.
Хогеверф рече дека тековната година била добра за производителите на паметни телефони, додека пазарот на зелена енергија заостанува.
Институтот Хурун на својата веб-страница објави и податоци за поврзаноста на богатството со годината на раѓање според кинескиот хороскоп.
На листата најуспешни се богатите родени во годината на зајакот, потоа родените во годината на змејот и годината на змијата, додека во исто време богатството на родените во годината на петелот опадна најмногу.