Основањето Центар за трансплантација на органи во Македонија е во собраниска процедура, изјави министерот за здравство Никола Тодоров, кој денеска на посети ЈЗУ Општа болница во Велес, пренесе МИА.
Со тој закон, посочи министерот, се предвидува да се основа Центар за трансплантација на органи и тела, а со кој очекуваме сериозно да се подигне нивото на трансплантација во Македонија со основање на посебна Универзитетска клиника.
– Оваа клиника ќе биде наменски основана за трансплантација и за сложени хирушки интервенции и очекуваме таму да има многу повисоко ниво на организација пред се за сериозна научно – истражувачка работа. Воедно и да се отпочне со трансплантациите кои досега не се работеле во Македонија, во прв ред со трансплантации на црн дроб, а потоа и трансплантации на други органи, рече Тодоров.
Одговорајќи на новинарско прашање за реализација на проектот „Рурален доктор“, министерот Тодоров потенцира дека тој се реализира во насока на подобрување на јавното здравје на населението и е многу задоволен од неговата реализација на терен.