Уште три работни денови имаат учениците од основното образование во државава, а реакциите на родителите по социјалните мрежи не стивнуваат. Бидејќи децата одат на училиште на екстремно високи темепратури и во неклиматизирани училници. Вријат и социјалните мрежи на кои се бара предвремено завршување на учебната година. Од штипската локална самоуправа велат дека се свесни за проблемот, но немаат ингеренции да се мешаат во одлуките на МОН.
-За жал морам да кажам дека наставата во училиштата во Штип се одвива во тешки услови, затоа што температурите се навистина високи, а училиштата не се опремени со климатизери за да може соодветно да се изладат просториите каде што би учеле учениците. Тешко е да се работи во такви услови, но за жал ние како општина не можеме овде да направиме ништо, бидејќи прекинувањето на наставата е во рамки на надлежностите на Министерството за образование и наука, а уште неколку денови остануваат до крајот на учебната година – изјави Снежана Санева, раководител на сектор образование, ЛС – Штип
Вчера се огласија од МОН, од каде препорачаа до 17-ти јуни да се скратат часовите, но сепак да се внимава на исполнување на наставната програма.
Учебната година овојпат првпат продолжена, бидејќи основците беа на пролетен распуст од 29-ти април до 6-ти мај.