Учениците од сите осум основни училишта на територијата на општина Аеродром од септември ќе одат на училиште со униформи. Школската облека ќе ја шие скопската фирма „Монт“, со која Општината склучи договор вреден 7.298.300 денари, односно околу 120 илјади евра. Ќе бидат набавени вкупно 5.700 комплети облека.
Униформите ќе се состојат од сиви панталони, бели памучни блузи и тегет елеци со амблем на кој ќе биде извезено логото на општина Аеродром и името на училиштето. Девојчињата ќе избираат здолниште или панталони, а ќе имаат можност да ги имаат и двете, со доплата за второто.
Целта на овој проект е сите ученици да бидат облечени во исти униформи за да се постигне чувство на еднаквост меѓу децата и да нема поделби и разлики меѓу нив во начинот на облекување.