Основниот суд ги доби одлуките за помилување

Основниот суд Скопје 1 – Скопје соопшти дека вчера до него биле доставени одлуките со прилог решенија за помилување – ослободување од гонење од страна на Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, со наведени конкретни броеви на постапки кои во дел се водат пред овој суд, а дел се со броеви од Обвинителството.

Притоа, се вели во денешното соопштение, Судот ќе изготви список на наведените предмети кои се цитирани во решенијата од Претседателот на Република Македонија кој со одлуките и решенијата ќе биде достапен на располагање на судиите во овој суд, заради надлежно постапување.

Со оглед на фактот дека дел од боревите на решенијата ќе бидат споени со конкретни судски предмети на овој суд, а дел се работи за броеви на предмети на Обвинителството за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите (СЈО) по кои постапува пред овој суд во предистражна и истражна постапка, како и броеви од Основното јавно обвинителство – Скопје, под кои се преземаат дејствија за гонење, сите одлуки и решенија на Претседателот на Република Македонија со список на поврзани броеви на обвинителствата, ќе бидат достапни на судиите во овој суд надлежни за понатамошно постапување како би се почитувале одлуките на Претседателот на Република Македонија, се вели во соопштението.

По однос на сите поединечни предмети, се додава во него, јавноста ќе биде дополнително запознаена при донесување на одлука од страна на конкретниот судија кој постапува.