Директорот на покраинската полиција на Каталонија,Жозеп Луис Траперол, изјави во неделата дека не може да се исклучи можноста дека осомничениот за нападот со комбе од четвртокот во Барселона побегнал во соседна Франција.
„Не велам дека имаме информација за тоа, но како можност, очигледно тоа би можело да се случи“, изјави првиот човек на полицијата на Каталонија на прес-конференцијата за медиумите во Барселона. Додаде дека веднаш по нападот во четвртокот се засилени пограничните контроли.
Жозеп Лиус Траперо додаде и дека во комбето, со коешто беа убиени 13 лица на улицата Ла Рамбла во центарот на Барселона, било само едно лице но не може да потврди дека станува збор за 22-годишниот Јунес Абујакуб кој според изворите на многу шпански медиуми бил возачот. Мајката на Абујакуб во саботата во гратчето Рипол го повика синот да ѝ се предаде на полицијата, бидејќи подобро да е во затвор отколку да е мртов. Негови роднини и соседи изјавиле дека не знаат каде е, ниту дали е мртов или жив. Траперо, пак, изјави дека не може да потврди дека е во бегство.
Шефот на каталонската полиција изјави дека пронашле две тела во куќата во местото Алканар каде според истрагата џихадистичката ќелија од 12 лица ги подготвиле експлозивни средства ноќта од средата кон четвртокот. Во оваа експлозија загинаа две лица, а третото кое е повредено е притворено.
Траперо, меѓутоа, не го откри идентитетот на загинатите. Рече дека полицијата верува дека во куќата се подготвувал напад со експлозив, бидејќи се откриени супстанции кои Исламската држава ги користеше во некои претходни нападил Полицијата во урнатата куќа открила околу 120 плински боци.
Медиумите пишуваат дека полицијата трага по имамот од Рипол, Абделбаќим Ес Сати, кој можеби влијаел врз момчињата да учествуваат во нападите. Тој во вторникот замина од станот во Рипол велејќи му на цимерот дека заминува кај неговото семејство во Мароко и од тогаш не се знае ништо за тоа. Засега не е познато дали тој е еден од загинатите во експлозијата во куќата во Алканар.