Осомничениот атентатор на Трамп дејствувал сам

Осомничениот вооружен напаѓач на предизборниот собир на Доналд Трамп во саботата дејствуал сам и користел легално купена пушка „AR=16“ во обидот да го убие поранешниот американски претседател, соопштија во неделата вечерта претставници на Федералното биро за истраги (FBI), додавајќи дека нема индиции дека осомничениот имал ментални проблеми.

Претставници на FBI им рекоа на новинарите дека истрагата е во раната фаза и дека сè уште не идентификувале идеологија поврзана со осомничениот. Рекоа дека откривањето на мотивот за нападот им е еден од приоритетите.

Државните гласачки записи покажуваат дека Крукс наводно бил регистриран републикански гласач. Претстојните избори на 5-ти ноември, така, би биле првите на кои Крукс ќе има право да гласа. Осомничениот атентатор, кој е убиен од полицијата веднаш по истрелите, бил регистриран дека пред три години, на свои 17 години, донирал 15 долари на ActBlue, политички комитет кој собира пари за левичарски и демократски политичари, според податоците на Федералната изборна комисија од 2021 година. Донацијата била наменета за Progressive Turnout Project (Прогресивен проект за излезност), национална група која ги мотивира и собира демократите да гласаат.

Доналд Трамп објави дека се упатил кон Милвоки во неделата, каде што републиканците официјално ќе го номинираат за претседател подоцна оваа седмица, откако го преживеа обидот за атентат што дополнително го разгори политичкиот јаз во САД.

Претседателот Џо Бајден, демократ, рече дека ќе истражи како 20-годишникот со пушка „AR-15“ успеал да дојде доволно блиску до безбедносниот прериметар и незабележано да се позиционира на покривот од индустриски објект за да може да го застрела Трамп, кој како поранешен претседател има доживотна заштита од американската Тајна служба која е задолжена за безбедноста на навјисоките американски политичари и членовите на нивните потесни семејства.

Осомничениот е Томас Метју Крукс од Пенсилванија. Тој се криел на покривот на индустриска зграда на околу стотина метри од бината, надвор од просторот каде што се одржувал настанот и успеал да остане незабележан од полициските специјалци снајперисти, исто така, распоредени на покривите на околните објекти. Телевизите CNN и BBC, повикувајќи се на очевидци, пренесоа дека неколку лица го забележале осомничениот како се движи кон објектите веројатно воорижен, но дека таквата информација не стасала до полицијата и Тајната служба.

„Лицето кое стрелало на собирот на Трамп во саботата било забележано надвор од периметарот на настанот од локалните органи за спроведување на законот, кои го процениле како сомнително неговото однесување кај детекторот за метал“, се наведува во прилогот на CNN.

Полицијата на сојузната држава на Пенсилванија во неделата ги идентификуваше двете лица кои биле ранети во пукањето и се во стабилна состојба. Тоа се 57-годишниот Дејвид Дач од Њу Кенсингтон во Пенсилванија и 74-годишниот Џејмс Копенхавер од Мун Тауншип, иссто така, од Пенсилванија.

Во соопштението, Тајната служба ги отфрли обвинувањата во некои медиуми дека ги одбила барањата за дополнително обезбедување.

„Тврдењето дека член на безбедносниот тим на поранешниот претседател побарал дополнителни безбедносни ресурси кои беа одбиени од американската тајна служба или Министерството за домашна безбедност е апсолутно лажна. Всушност… неодамна додаде безбедносни ресурси и капацитети на безбедноста на поранешниот претседател“, тврдеше портпаролот на Тајната служба, Ентони Гаглиелми.

Претходно во неделата магазинот The Federalist, повикувајќи се на неименуван припадник на обезбедувањето на републиканскиот претседателски кандидат, објави дека пред атентатот американското Министерство за домашна безбедност во текот на повеќе седмици ги одбивало барањата на припадници на службата за заштита на поранешниот претседател Доналд Трамп за зајакнување на неговото обезбедување од страна на Тајната служба.

„Обезбедувањето на Трамп веќе неколку седмици бара зајакнување на неговата заштита и (да се зголемат) нејзините способности, но Министерството за домашна безбедност (на претседателот Џо) Бајден постојано ги одбиваше неговите барања“, го цитира магазинот својот неименуван соговорник.

Според сознанијата на The Federalist, споменатото министерство, исто така, повеќепати одбивало да му даде заштита од Тајната служба на независниот кандидат на претседателските избори, Роберт Кенеди Јуниор. Според шефот на домашната безбедност Алехандро Мајоркас, преземањето на безбедносни мерки за Кенеди, чиј татко сенатор и чичко претседателот Џон Кенеди беа убиени во политички атентати, „во тој момент не било оправдано“.