Осомничениот за експлозијата на автомобилот пред хотелот Трамп во Лас Вегас бил специјалец кој обучувал украински војници

Осомничениот за експлозијата на електричното возило „Tesla Cybertruck“ пред комплексот на избраниот американски претседател Доналд Трамп во Лас Вегас бил офицер на специјалните сили на американската армија, кој бил на отсуство, објави во четвртокот телевизиската мрежа Fox News повикувајќи се на портпаролот на армијата на САД.

Неколку часа по масакрот во кој приврзаник на џихадистичката групација Исламска држава, воен ветеран кој служел во Авганистан кој влета со камионте на новогодишна прослава во Њу Орлеанс и усмрти најмалку 14 лица и рани 36 други, во Лас Вегас електричен теренец „Tesla Cybertruck“, натоварен со канистри со бензин и моќна пиротехничка опрема, експлодираше и се запали пред хотелскиот комплекс „Trump International“ во Лас Вегас, при што загина едно лице а уште седум други се повредени.

Експлозијата пред комплексот во кој удел има новоизбраниот американски претседател се случи само три седмици пред новоизбраниот претседател Доналд Трамп да се врати во Белата куќа на 20-ти јануари. Возилото, пак, се доживува како поврзаност меѓу Трамп и неговиот најголем донатор и поддржувач, милијардерот Илон Маск кој ќе има позиција во агенција којашто ќе ја надгледува ефикасноста на идната администрација во Вашингтон.

„Наредникот Метју Алан Ливелсбергер служел во 10-та група за специјални операции во Германија и се наоѓа во активна воена служба. Бил на отсуство (во моментот на експлозијата“, објави на платформата Х дописникот на Fox News, Бил Мелагин.

Дека осомничениот за експлозијата Ливелсбергер служел во Германија во единица која обучувала украински војници, потврдил подоцна и шерифот на округот Лас Вегас, Кевин Мекмахил.

„Тој бил на одобрено отсуство од Германија, каде што служеше во 10-та група на специјалните сили. Претходно служеше во Националната гарда и во резервниот состав на армијата“, изјави шерифот на брифингот со новинарите.

Медиумите пишуваат дека од фотографиите коишто на социјалните мрежи ги објавувал осомничениот Ливелсбергер, тој носел облека со симболи на украинските неонацистички групации. На една од нив, на која е со сопругата Сара, тој носи црна маица со слоганот „Слава на Украина“.

Инаку, според отворени извори, 10-та група на специјалните сили на американската армија е подредена на Европската команда на САД и американската команда за специјални операции. Според американските медиуми, оваа единица особено по руската инвазија во февруари 2022 година ги обучувала украинските војници. Претходно во интервју за интернет изданието Defence One, полковникот на американската војска Лукас Ванантверп, тврдеше дека споменатата единици ја спроведува обуката на украинските специјални сили уште од 2014 година, непосредно по превратот во Киев кога беа соборени проруските власти.

Портпаролот на американското Федерално биро за истраги (FBI) на брифинг за новинарите не го опиша инцидентот во Лас Вегас како можен терористички напад. Сепак, телевизиската мрежа ABC News, повикувајќи се на свои извори, објави дека истражителите не ја исклучуваат таквата верзија.