Осомничениот за нападите со мачета во средата во две цркви на југот на Шпанија во кои беше убиен еден свештеник а друг ранет, е 25-годишен Мароканец кој требало да биде депортиран од земјата, објави во четвртокот шпанската полиција.
Осомничениот, идентифокуван како Јасин Канаа е уапсен во средата вечерта, откако со мачета нападнал неколку луѓе во црквите на Сан Исидоро и Ниестра Сањора до Ла Палма, меѓусебно оддалечени околу 300 метри во јужното пристаниште Алгесирас. Осомничениот ќе биде префрлен во Мадрид во текот на четвртокот и изведен пред суд под обвинение за тероризам.
Полициски извор за Reuters ги негирал написите на локалните медиуми дека осомничениот бил под надзор на безбедносните оперативци во деновите или месеците коишто му претходеле на нападот. Не бил осудуван поради кривични дела, ниту за тероризам во Шпанија, ниту во другите сојузнички земји, рекол изворот.
Осомничениот во Шпанија престојувал легално, а процесот за негова депортација бил покренат во јуни минатата година и бил во тек. Министерот за внатрешни работи Фернандо Гранде-Марласка изјави дека полицијата ќе утврдува дали станува збор за тероризам. Додаде дека во нападот немало соучесници.
Пристаништето Алгесирас во јужната покраина Андалузија е главното место за влегување на Мароканците во Шпанија.