Осомничениот за пукањето на 4-ти јули се протнал низ безбедносните мерки во Илиноис

Младиот маж веќе обвинет за убиство на седум луѓе на парадата по повод американскиот Ден на независноста 4-ти јули во чикашкото предградие Хајленд Парк, се протнал низ заштитните мерки на законот во сојузната држава Илиноис кој е осмислен да ги спречи лица за кои се смета дека имаат насилно склоности да набават оружје, откриваат државни функционери.

Ваквите сознанија ги отворија прашањата за подготвеноста на државните закони осмислени да ја идентификуваат опасноста и покрај тоа што обвинителот во Илиноис го пофали системот како „моќен“ во текот на прес-конференцијата најавувајќи седум обвиненија за убиство од прв степен против 21-годишниот осомничен Роберт И. Кримо Трети.

Наредникот Крис Ковели од канцеларијата на шерифот на округот Лејк, изјави дека Кримо легално купил пет пушки, вклучително и оружјето за коешто постојат сомневања дека го искористил за убиствата, и покрај тоа што двапати дошол во фокусот на полицијата „поради однесување коешто сугерирало дека може да се повреди себеси или други“.

Првиот бил повик во службата за итна медицинска помош во април 2019 година, во кој е пријавено дека Кримо се обидел да се самоубие, по што во септември истата година следела полициска посета во врска со наводни закани дека „сите ќе ве убијам“ коишто им ги упатил на членовите на семејството, рече Ковели.

Според него, полицијата реагирајќи на вториот инцидент запленила збирка од 16 ножеви, бодежи и меч од домот на Кримо во Хајленд Парк. Меѓутоа, апсење не бил извршено бидејќи властите во тоа време немале оправдана причина да го приведат, додаде Ковели.

„Немаше поплаки коишто ги потпишала некоја од жртвите“ во тој случај, појасни Ковели.

Доцна во вторникот стасала посебна изјава на државната полиција на Илиноис во којашто се наведува дека безбедносната служба примила извештај од полицијата во Хајленд Парк во кој Кримо се прогласува за „јасна и непосредна опасност“ по наводните закани кон семејството и роднините во септември 2019 година.

Во тој период, меѓутоа, Кримо не поседувал државна идентификациска картичка за огнено оружје“ (FOID), којашто би можела да биде повлечена или барањето за FOID на чекање да бие одбиено. Со тоа била запрена вклученоста на државната полиција во случајот.

Државната полиција, исто така, соопшти дека ниеден роднина или кое и да е друго лице немало волја да „поднесе службена поплака“ или да даде „информации за закани или за менталното здравје, коишто би ѝ овозможиле на полицијата да преземе дополнителни мерки“.

 

Минал на проверките

Три месеца подоцна од инцидентот, со наполнети 19 години, Кримо се пријавил за својата прва FOID легитимација, под старателство на таткото. Но имајќи предвид дека против Кримо никогаш не била барана забрана за носење огнено оружје или се водел некаква судска постапка, „немало доволно основи да се утврди јасна и непосредна опасност и да се одбие барањето за FOID“, објави полицијата на државата Илиноис.

Кримо минал четири проверки во текот на купувањето на оружјата, а сите се спроведени во 2020 и 2021 година, многу подоцна по инцидентите од 2019 година кои го свртиле вниманието на полицијата, се додава во соопштението на државната полиција на Илиноис.

Државната полиција соопшти дека единственото казнено дело откриено во текот на проверките на Кримо било незаконско поседување тутун во 2016 година, како и дека никогаш не се појавиле извештаи за менталното здравје од даватели на здравствени услуги.

Полицијата на Илиноис додава и дека полицајците кои го посетиле во семејната куќа поради наводните закани кои Кримо ги упатил во септември 2019 година го прашале „дали сака да се повреди себеси и ли другите“ а дека „тој одговорил со ‘не’’.

„Дополнително и важно – таткото тврдел дека ножевите се негови и дека биле ставени во шифоњерот (на синот) на сигурно. Врз основа на таа информација, полицијата на Хајленд Парк му ги вратила ножевите на таткото подоцна истото попладне“.

Низа американски политичари од двете партии повикаа на пошироко носење и спроведување на законите осмислени за идентификување на опасност, кои ќе им овозможат на судовите да издават налози за забрана на пристап. Со тоа на властите им се овозможува одземање на огненото оружје од поединци или се спречуваат да купат оружје кога се смета дека преставуваат значителна закан за себеси и за другите.

Јавниот обвинител на сојузната држава Илиноис, Ерик Рајнхард, во вторникот на прес-конференцијата кога објави дека подигнал обвинителен акт против Кримо, не можеше да објасни како на младиот маж можело да му биде дозволено легално да набави оружје.