Остар пад на азиските берзи

Цените на азиските акции остро паднаа во вторник бидејќи инвеститорите ги избегнуваат поризичните инвестиции зашто каматните стапки во западните земји би можеле да останат покачени подолго од очекуваното.

MSCI индексот на азиско-пацифичките акции, со исклучок на Јапонија, беше намален за повеќе од 1 процент и се лизна на најниското ниво од крајот на ноември минатата година. На берзата во Токио утрово индексот Nikkei се лизна за 1,3 отсто, додека цените на акциите во Австралија и Хонг Конг паднаа меѓу 1,1 и 3,1 отсто. Кинеските берзи се затворени за Златната недела, а затворена е и берзата во Јужна Кореја поради празник.

Остриот пад на берзанските индекси во Хонг Конг се должи, велат аналитичарите, на корекцијата на цените на акциите по скокот во петокот, при што најголем притисок беше секторот на недвижности. Цените на акциите во Австралија, исто така, значително паднаа, иако централната банка на земјата ги задржа каматните стапки непроменети.

Инвеститорите во моментов најмногу стравуваат дека каматните стапки во западните земји ќе останат покачени подолг период од проценетото, бидејќи инфлацијата не се намалува доволно брзо.

Ова е причината зошто вчера тргувањето беше претпазливо на Волстрит. Dow Jones загуби 0,22 отсто, додека S&P 500 порасна за 0,01 отсто, а Nasdaq индексот 0,67 отсто.

Најголемата светска берза веќе десет дена е претпазлива, откако челниците на американската централна банка изјавија дека каматните стапки би можеле дополнително да се зголемат до крајот на годината и дека тие би можеле да останат на покачени нивоа подолго од очекуваното. Економскиот раст забавува, со слабеење на инфлаторните притисоци, но инфлацијата останува далеку од целното ниво на Fed од 2 отсто.