Германскиот извоз драстично паднал во декември, како одраз на многу послабата побарувачка во еврозоната, покажаа во понеделникот објавените прелиминарни податоци на заводот за статистика.
Во декември, според сезонски и календарски приспособени податоци, извозот бил намален за 4,6 отсто во однос на претходниот месец и се лизна на 125,3 милијарди евра. Во ноември порасна за 3,5 отсто.
Уште посилен пад е забележан кај увозот, за 6,7 отсто, по 1,5 отсто раст во ноември.
Така, сезонски и календарски прилагодениот германски вишок во стоковната размена со светот во декември е зголемен за 6,7 отсто во однос на ноември, на 22,2 милијарди евра.
На крајот на минатата година, германскиот извоз во другите членки на еврозоната е намален најмногу, за 6 отсто, на 47,3 милијарди евра. Намален е и извозот во цела Европска унија, за 5,5 отсто. Најблаг пад на испораките е забележан во трговијата со трети земји, за 3,5 отсто во однос на ноември.
На годишно ниво, според сезонски и календарски приспособени податоци, извозот во декември е намален за 4,6 отсто во однос на ноември, а увозот за 12,4 отсто.
Во целата 2023 година германскиот извоз паднал за 1,4 отсто, а увозот за 9,7 отсто. Суфицитот во девизниот биланс со светот скокнал на 209,6 милијарди евра, пресметаа статистичарите, истакнувајќи дека резултатите за 2022 година одразуваат значително повисоки трошоци за увоз на енергија.