Германската биофармацевтска компанија „BioNTech“ во средата извести за остар пад на приходите и профитот во 2023 година поради слабата побарувачка за вакцина против ковид-19 и инвестициите во нови лекови за рак.
Вкупниот приход на „BioNTech“ паднал на 3,8 милијарди евра минатата година, од 17,3 милијарди евра во 2022 година. Нето добивката падна од 9,4 милијарди на 930,3 милиони евра.
Приходите од продажбата на вакцината против ковид-19 потонаа на само 600 милиони евра, од три милијарди евра во 2022 година, а администрацијата го потенцира и отписот на залихите вакцини во вредност од речиси една милијарда евра, според договорот со производствениот партнер „Phizer“.
„BioNTech“ и „Pfizer“ испорачале нешто повеќе од 400 милиони дози од вакцината минатата година, во споредба со две милијарди во 2022 година и 2,6 милијарди во 2021 година.
Германската компанија ги зголеми минатогодишните трошоци за истражување и развој за 20 отсто, на 1,8 милијарди евра.
„BioNTech“ планира да го претстави својот прв лек против рак во 2026 година, објави во средата извршниот директор Угур Шахин, додавајќи дека потпишале неколку договори за партнерство и постигнале бројни откритија во клиничкото истражување.
До 2030 година, тие се надеваат дека ќе добијат регулаторно одобрение за лекот за 10 индикации, симптоми кои водат до препорака за лекување или продолжување на тестирањето, според Шахин.
Во 2024 година, „BioNTech“ планира дополнително да ги зголеми трошоците за истражување и развој, на 2,4 до 2,6 милијарди евра. Нивните приходи треба да се движат од 2,5 до 3,1 милијарди евра, проценуваат тие.