Остар пад на приходите во германската туристичка индустрија

Приходите на германските ресторани драстично паднаа во првата половина од годината, објави здружението на хотели и ресторани DEHOGA, истакнувајќи дека само неколку успеале да ја искористат можноста што ја отвори Европско фудбалско првенство.

Во првите шест месеци од годинава приходите номинално паднале за 11 отсто, покажува истражувањето на здружението кое на почетокот на јули го спроведе меѓу 2.700 членови. Истиот процентуален пад рестораторите го забележаа и во јуни, при што здружението заклучува дека „само неколку компании директно профитираат од европското фудбалско првенство“, се вели во соопштението објавено во четвртокот.

Заработката во угостителството е уште подраматично намалена во првите шест месеци од годинава, за 22,2 отсто, утврди здружението.

Дури 88 отсто од испитаниците изјавиле дека не поминале подобро благодарение на првенството, со забележливи разлики во зависност од деловниот „концепт“ и локацијата.

„Не е чудно што европското фудбалско првенство донесе двојно повеќе заработка на рестораните во градовите каде што се организираа натпреварите, како Берлин и Хамбург, 17,5 отсто од нив. Кафулињата, баровите и пабовите беа особено посетени“, наведуваат во DEHOGA.

Славеничкото расположение го нарушија, пред сѐ, нестабилните временски услови и елиминацијата на нашиот тим во четвртфиналето“, вели првиот човек на здружението, Гвидо Зелик.

Падот на прометот и добивката во првата половина од годинава е особено изразен во кафулињата, рестораните и во клубовите и дискотеките.

Дури третина од рестораните очекуваат „лош“ бизнис и во третиот квартал, а девет отсто од нив сметаат дека ситуацијата е „исклучително лоша“.

Повеќе од половина од компаниите сѐ уште очекуваат подобрување, па речиси 37 отсто од анкетираните сметаат дека изгледите се „задоволителни“, а повеќе од 20 отсто дека се „добри“ или дури „многу добри“.

Намалувањето на данокот на додадена вредност му помогнало на секторот за време на пандемијата, но на почетокот на годината стапката беше вратена на предпандемиското ниво, што ја отежна ситуацијата, посочуваат од здружението, додавајќи дека повеќе од 90 отсто на угостителите беа принудени да ги зголемат цените.

„Сегашните резултати од истражувањето јасно покажуваат дека ситуацијата во угостителството сè уште е многу напната“, заклучува Зелик.