Производството на нафта во Русија бележи остар пад. Во март, производството е намалено за половина милион барели дневно, а до крајот на април, вкупното намалување порасна на милион барели дневно, јави OilPrice.com, главниот светски портал специјализиран за енергетика. Извор на информациите е Бернард Луни, директор на British Petroleum.
– Денес еден милион барели руска нафта се надвор од системот… Сметаме дека ова, веројатно, ќе се удвои овој месец, кога постоечките санкции ќе стапат на сила. Мислам оти не треба да се очекува наскоро да има намалување на цените, изјави Луни за западните медиуми, пренесе Индекс.
Моментално цената за барел нафта се движи околу 110 долари, а може да порасне уште повеќе, доколку Кина се откаже од „нулта-Ковид“ политиката и стави крај на „локдаунот“. Досега, нафтата главно беше изземена од санкциите, што Европската Унија ги воведе против Русија, поради војната во Украина. Но, најавите за прекинот на увоз на руските нафта и гас во Европа, ги креваат цените уште повеќе.
– Потенцијално би можеле да видиме загуба над седум милиони барели дневно извоз на руска нафта и други јаглеводороди, како резултат на сегашните и на идните санкции, или на други доброволни акции, тврди генералниот секретар на ОПЕК, Мохамед Баркиндо.
Тоа не ги предомисли лидерите на ЕУ, да објават планови за постепен прекин на увозот на нафта од Русија, веќе до крајот на годината. Тешко дека алтернативните извори ќе бидат доволни да ја надоместат нафтата од Русија, бидејќи Европа со децении градеше инфраструктура кон таа земја и создаде зависност од нејзините енергенси, пишува медиумот.
Според документ на руското Министерство за економија, Русија очекува пад на производството на нафтата за 17 отсто до крајот на годината, во однос на нивото на производство пред војната во Украина. Тоа би бил најголем пад на производството од 1990-те години.
Како што покажуваат информациите во документот, руското производство на нафта може да се намали од 433.8 милиони до 475.3 милиони тони (од 8.68 милиони до 9.5 милиони барели дневно) во 2022 од 524-те милиони тони во 2021 година. Тоа би било најмало ниво на производство од 2003 година.
Тоа е близу два милиони барели дневно, што е слично со предвидувањето на Луни, но и тоа на норвешката енергетска консултантска компанија Rystad Energy.