Остар пад на Волстрит

На Волстрит берзанските индекси остро паднаа во средата бидејќи инвеститорите беа разочарани од деловните резултати на „Alphabet“ и „Microsoft“ и поради тоа што надежите дека американската централна банка ќе ги намали каматните стапки веќе во март исчезнаа.

Индексот Dow Jones се лизна за 0,82 отсто, на 38.150 поени, додека S&P 500 потона за 1,61 отсто, на 4.845 поени, а индексот Nasdaq за 2,23 отсто, на 15.164 поени.

Очекувано, челниците на Fed ги оставија каматните стапки непроменети во опсегoт од 5,25 до 5,50 отсто по дводневната седница. Во соопштението тие наведуваат дека не очекуваат намалување на каматните стапки додека цврсто не се уверат дека инфлацијата постојано се намалува кон целното ниво од 2 отсто.

По седницата, претседателот на Fed, Џером Пауел, изјави, пак, дека е малку веројатно челниците на централната банка да бидат убедени во тоа до седницата во март. Тоа ги разочара инвеститорите кои очекуваа Fed да започне со намалување на каматните стапки во март.

„Од изјавата на Fed е јасно дека нема да има повеќе зголемувања на каматните стапки, што е позитивно, но инвеститорите треба да очекуваат каматните стапки да останат на покачени нивоа подолг временски период, бидејќи економските показатели се уште се далеку од оние што би воделе Fed да ги намали каматните стапки“, вели Оливер Пурше, аналитичар во компанијата „Wealthspire Advisors“.

Падот на индексите е последица и на разочарувањето на инвеститорите од кварталните деловни резултати на двата технолошки гиганти. Цената на акцијата на „Alphabet“ падна за 7,5 отсто, а на „Microsoft“ за 2,7 отсто. И покрај тоа што и двете компании пријавија поголеми приходи и заработка отколку што очекуваа аналитичарите, се чини дека некои инвеститори очекуваа уште повеќе.

И покрај вчерашниот остар пад, берзанските индекси пораснаа за повеќе од 1 отсто во текот на целиот јануари.