Остар пад на Волстрит по одлуката на Fed за „новото нормално“ – зголемување на каматите

На њујоршки Волстрит во средата берзанските индекси остро паднаа, откако американската централна банка Federal Reserve (Fed) повторно агресивно ги зголеми клучните каматни стапки, најавувајќи натамошни зголемувања на цената на парите и остро ги намали процените за растот на американската економија.

Индексот Dow Jones се лизна за 1,70 отсто на 30.183 поени, индексот S&P 500 падна за 1,71 проценти на 3.789 поени, а Nasdaq индексот се намали за 1,79 отсто на 11.220 индексни поени.

Во текот на целото вчерашно тргување овие индекси се изменуваа во позитивната и негативната област, но по одлуката и пораките од американската централна банка во последниот половина час од тргувањето остро паднаа.

 

Најагресивно зголемување на каматите во историјата

По дводневната седница, како и што се очекуваше, Fed ги зголеми клучните каматни стапки за 0,75 процентни поени, третпат последователно, во распонот од 3 до 3,25 отсто, што е нивното највисоко ниво од 2008 година.

Бидејќи инфлацијата во САД се движи близу највисоките нивоа по повеќе од 40 години, централната банка најави и натамошно зголемување на цените на парите.

Така, според процените на челниците на Fed, до крајот на годинава каматите би можело да бидат зголемени на 4,4 отсто, а до крајот на следната година на 4,6 отсто. Тоа значи дека до крајот на 2022 година, Fed ќе ги зголеми клучните каматни стапки за уште 1,25 процентни поени, а во 2023-та за уште 0,25 процентни поени.

Таквото брзо кревање на каматите, започнато во март годинава, претставува најагресивното зголемување на цените на парите во САД од 1990 година, кога Fed како основен инструмент на монетарната политика започна да ја користи каматата на прекуноќните кредити.

Поради тоа спласнаа и надежите на вложувачите дека Fed следната година ќе почне да ги намалува каматите. Тоа, како што сега изгледа, ќе следи дури во 2024 година.

Агресивните планови на Fed за сузбивање на инфлацијата на целените 2 отсто ќе потрае со години, ќе го забави растот на економијата и ќе ја зголеми невработеноста, покажуваат проекциите на Fed, по што се издишаа и надежите во „мекото приземјување“ на економијата.

 

Пауел: Рецесијата е можна

Агресивното заострување на монетарната политика, имено, би можело да ја турне економијата во подлабока рецесија. Технички американската економија веќе нурнала во рецесија, имајќи предвид дека последните две тримесечја падна на квартално ниво, но засега таа рецесија е плитка.

Претседателот на Fed, Џером Пауел, отворено тоа го призна, велејќи „Никој не знае дали овој процес ќе води во рецесија и, доколку биде така, колку сериозна рецесијата ќе биде“.

На прес-конференцијата по седницата на Fed, Пауел порача и дека ништо не се променило од неговите коментари на конференцијата на централните банкари во Џексон Хол во август. „Fed е сосема доследен во тоа да ја спушти инфлацијата на 2 отсто, и ќе стори сѐ тоа да биде постигнато“, порача челникот на американската централна банка.

Тоа ќе биде сторено, дури и по цена на забавување на економскиот раст. Така, Fed ја намали процената за раст за оваа година на само 0,2 отсто, додека досега проценуваше дека економијата ќе расте за 1,7 отсто. Во следните години растот во просек би можел да изнесува 1,8 отсто. Притоа стапката на невработеноста би пораснала од сегашните 3,7 отсто на 4,4 отсто следната година.

 

Зголемените камати се „новото нормално“

Кога станува збор за инфлацијата, пак, челниците на Fed проценуваат дека годината основната стапка, во којашто не се вклучени цените на храната и енергијата, би можела да изнесува 4,5 отсто, додека во моментов таа изнесува 4,6 отсто.

Растот на потрошувачките цени, пак, кои ги вклучуваат и цените на енергијата и на храната, изнесувал во август 8,3 отсто на годишно ниво, што е близу највисокото ниво по повеќе од 40 години.

Според процените, целеното ниво на инфлација од страна на Fed од 2 отсто, така би можело да биде постигнато дури во 2025 година.

Инвеститорите на Волстрит во средата се обидоа во неколку наврати да ги подигнат цените на акциите, но безуспешно.,

„Инвеститорите силно сакаа да слушнат нешто позитивно, но тоа вчера не можеа да го слушнат. По десет години ненормално ниските каматни стапки, инвеститорите сега мораат да смислат како да ги позиционираат своите портфељи. Ќе биде потребно извесно време за да се прилагодат на ‘новото нормално’“, вели за Reuters Керол Шлејф, директорка во компанијата BMO.