На њујоршки Волстрит цените на акциите остро паднаа во вторникот, бидејќи надежите на инвеститорите дека американската централна банка ќе ги намали каматните стапки во мај исчезнаа по податоците за неочекуван пораст на инфлацијата во САД.
Индексот Dow Jones загуби 1,36 отсто, падна на 38.275 поени, додека S&P 500 се лизна за 1,37 отсто, на 4.953 поени, а индексот Nasdaq се намали за 1,79 отсто, на 15.659 поени.
Остриот пад на индексите е резултат на податокот дека во јануари потрошувачките цени пораснале за 0,3 отсто на месечно и 3,1 отсто на годишно ниво, повеќе од очекувањата на аналитичарите. Последниве месеци цените на акциите силно пораснаа, бидејќи пазарот процени дека инфлацијата ќе ослаби и дека како резултат на тоа Fed ќе почне да ги намалува каматните стапки веќе во март.
Сепак, имајќи предвид дека инфлацијата сѐ уште се движи далеку над целното ниво на Fed од 2 отсто, на пазарот веќе не се ни споменува мартовското намалување, а по вчерашниот извештај за потрошувачките цени, надежите за намалување на каматните стапки во мај исчезнаа. На пазарот на пари сега се проценува дека изгледите за намалување на каматната стапка на Fed во мај се околу 36 отсто, додека пред вчерашниот извештај изгледите беа околу 58 отсто.
„Многу функционери на Fed на различни начини последниве седмици велат дека очекувањата на пазарот за намалување на каматните стапки во првата половина од годината се предвремени. Извештајот за потрошувачките цени сега го потврди ова“, вели Боб Елиот, директор во „Unlimited Funds“.
На крајот на минатата седмица, индексот S&P 500 првпат се проби над нивото од 5.000 поени, а индексите Dow Jones и Nasdaq беа блиску до рекордно ниво. Останува да се види дали индексите можат да ги надоместат вчерашните загуби во наредните денови или ќе следи натамошна надолна корекција на цените на акциите.