По нападот на палестинското милитантно движење Хамас во јужен Израел во октомври минатата година, зголемен е бројот на барања за германско државјанство во германските конзуларни претставништва во Израел, соопшти во четвртокот германската влада.
„Во првите девет месеци примени се 18.448 барања за упис во книшката на германски државјани“, објави германската влада како одговор на прашање на пратеничката група на Алтернатива за Германија (AfD) во Бундестагот.
Минатата година евидентирани се 9.178 а во 2022 година 5.705 барања за германско државјанство од страна на израелски државјани.
Законот од 2021 година обезбедува полесен пристап до германско државјанство за жртвите на националсоцијалистичкиот прогон и нивните потомци.
Германската влада претпоставува дека бројот на барањата за германско државјанство поднесени од Израелци е всушност многу поголем, имајќи предвид дека статистиката се однесува само на конзуларните претставништва во Израел, додека барањата се поднесуваат во германските претставништва низ целиот свет.
По нападот на 7-ми октомври минатата година, беше разнишана довербата на многу Евреи во израелските безбедносни служби како последно безбедно засолниште.
Во исто време, меѓутоа, се зголемил и бројот на антисемитски напади во Германија. Во последната година двојно е зголемен бројот на кривични дела со антисемитско потекло на 3.200 пријавени дела.