![miro cerar](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2018/03/miro-cerar.jpeg?resize=630%2C420&ssl=1)
Словенечкиот премиер Миро Церар објави во средата вечерта дека одлучил да поднесе оставка на должноста, три месеца пред изборите, за што во четврток ќе го извести шефот на државата Борут Пахор, со што ја изненади јавноста во земјата.
„Почитувани државјанки и државјани, земјата денес е во значително подобра состојба отколку во 2014 година. Власта ви ја враќам вам во рацете“, изјави Церар по седницата на неговата влада.
Миро Церар поднесе оставка откако словенечкиот Врховен суд ги поништи резултатите од референдумот од ланскиот септември околу железничкиот проект Капер – Дивача вреден милијарда евра, што беше најголемата инвестициска програма на неговата влада и кој премиерот го смета за стратешки важен за земјата.
„Денеска се прелеа чашата, поради што се одлучив да поднесам оставката пред националното собрание. Капката што ја прелеа чашата беше денешната одлука на Врховниот суд за поништување на референдумот за втората пруга, кога проектот доживеа нов удар, предизвикан од оние кои сакаат да го попречат позитивниот развој на Словенија. Не сакам да учествувам во таквите случувања“, изјави за новинарите Церар, видливо растревожен, пренесуваат словенечките медиуми.
Церат потсети на лошата состојба на државата пред три и пол години, кога неговата влада ја презема должноста и тврди дека ситуацијата е сосема поинаква денаска.
„Го имаме третиот највисок економски раст во Европската унија, прогнозите за оваа година се многу добри, ја имаме најниската стапка на невработеност по 2009 година, првпат по 2008-та имаме избалансиран буџет, а со тоа и јавниот долг се намали од 80 на 70 отсто, странските инвестиции кои ги донесовме во државата создаваат квалитетни работни места, од мртва точка го придвиживме проектот“, изјави Церар.
„Намерно во јавноста се создава впечаток дека сѐ е наопаку, а тоа едноставно не е вистина. Различни групи се гледаат само себеси и своите интереси, па дури и коалициските партнери, а мене тоа ми е туѓо“, рече Церар.
Додаде дека одлуката за оставката ја донел бидејќи треба да се знае што е точно и вистинито, што не е.
„Станува збор за одговорноста којашто лични ја прифаќам, а така во оваа ситуација би требало да стапи секој кредибилен политичар“, додаде словенечкиот премиер.
Иако испитувањата на јавното мнение на партијата на Церар, Партијата на модерниот центар (SMC), којашто е водечка во актуелната влада, не ѝ даваа големи шанси за поголем успех на парламентарните избори кои требаа да се одржат на почетокот од јуни, неговиот неочекуван потег во јавноста е дочекан со големо изненадување, а за него се чини не биле известени ниту коалициските партнери на Церар.