Дали оставката на пратеникот Павле Богоевски е маска за затскривање на големиот број случаи на непотизам? Ова е прашањето што се наметнува во јавноста откако изминатиов период беа откриена бројни случаи на вработување на блиски роднини на високи функционери на власта, без притоа да биде побарана одговорност од некого.
Кај шест од вкупно 18 случаи на вработувања на блиски роднини на функционери Антикорупциска утврдила дека критериумите во огласите биле местени за кандидатот што требало да биде вработен, а еден од таквите примери е вработувањето на синот на пратеничката Мира Стојчевска, Виктор, во ЕЛЕМ.
Антикорупциска утврди дека иако во Правилникот на ЕЛЕМ се барало од нововработените да имаат двегодишно работно искуство, овој услов го немало во огласот на кој се пријавил синот на пратеничката.
Исто така, во систематизацијата на ЕЛЕМ не постоело работното место на кое бил вработен Стојчевски, а директорот го искористил своето дискреционо право да го вработи.
Дури три случаи на непотизам откри Антикорупциска при вработување на блиските луѓе на генералниот секретар на СДСМ Александар Кирацоски.
Антикорупциска соопшти дека непосредно пред да се објави огласот на кој била вработена Мирјана Јосифовска, сестра на Александар Кирацоски, во Централен регистар, со систематизација на работните места бил зголемен бројот на советници за дистрибуција на информатички податоци од два на три, а како услов за вработување било наведено дека се бараат лица со завршен Факултет по географија со што останатите кандидати кои се пријавиле биле дисквалификувани поради несоодветно образование.
Згора на ова, по вработувањето, Јосифовска била испратена да работи во одделението во Битола каде што и живее.
За таткото на сопругата на Кирацоски кој бил ангажиран во РЕК Битола, Антикорупцсика побара да се утврди одговорност од генералниот директор на РЕК Битола за што ќе ја информира и Владата.
Директорот на РЕК Битола требало да објави оглас, а не да ангажира лица преку Агенција за привремени вработувања. Борче Поповски дедо на Кирацоски бил привремено ангажиран во РЕК Битола, но договорот му бил продолжен, соопштија од ДКСК. По реакциите во јавноста, Поповски се повлече од работното место.
И бабата на Кирацоски е вработена со непотизам. Антикорупциска утврди дека мајката на сопругата на Кирацоски била вработена во училишниот дом „Мирка Гинова“ во Битола како технички секретар на работно место кое било креирано непосредно пред да биде објавен огласот.
Пратеничката на СДСМ од Радовиш, Милева Ѓорѓиева, направила копи-паст на моделот за вработување наречен „Мира Дизел вработување“, ова неодамна на прес-конференција го истакна Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ.
Имено освен што и се вработи синот во МВР како инспектор за јавна безбедност, радоста во семејството на Милева го дополнува и вработувањето на уште неколку други членови на семејството. Прашуваме, дали е точно дека Љубица Илиева Ѓорѓиева снаа за син на Милева Ѓорѓиева е вработена во општина Радовиш на неопределено време? Дали е точно дека исто така Петре Партиков брат на Милева Ѓорѓиева е вработен како педагог во ОУ „Атанас Нивичански“ со несоодветно образование? Патем дали е точно исто така дека синот на Милева Ѓорѓиева, освен што добил вработување во МВР како инспектор, е поставен и за управител на РК Радовиш формиран од општината преку кој располага и со 5 милиони денари народни пари доделени од општинскиот буџет на општина Радовиш, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски.