Оставки во М-НАВ поради вработување нестручни кадри во Контрола на летање

Еден од тројцата директори на македонска навигација (М-НАВ), Љубе Стаменковски и раководителите на одделот за информатички и надзорни технологии, на одделот за надзорни системи, на одделот за навигациски системи, на електро-енергетски системи и на одделението за воздухопловна техника Охрид, поднесоа оставки од раководните функции, незадоволни од изборот на кадри кои се вработени во секторот за техника.

Според извори на Телма, кандидатите кои се примени на работа не ги имале потребните квалификации, а не го ни поминале неопходното тестирање.

Ова е првпат директор, член на Управниот одбор (УО) на М-НАВ, да застане на страната на синдикат во М-НАВ, во која Агенција во сопственост на Владата, односно државата, последниве две години контролорите и техничкиот дел се борат со самоволие на раководството предводено од главниот директор Фахрудин Хамиди, главно околу вработување на партиски и роднински нестручни кадри преку сомнителни огласи.

Во четвртокот, стручниот колегиум на воздухопловна техника го известил Управниот директор на М-НАВ составен од директорите Фахрудин Хамиди, Хасим Деари и Љубе Стаменковски дека пропаднала селекцијата на кандидатите кои биле избрани набрзина на последниот оглас распишан пред две недели, за пет инженери и двајца техничари.

Претходно, раководните авторитети во воздухопловна техника срочиле прашања за основни предзнаења на кандидатите, за да видат кој од нив може понатаму да ја продолжи обуката, односно да биде вработен. По овие интервјуа, требало да спроведат и усно интервју со секој од кандидатите, согласно условите во огласот, да се изберат тие со најдобрите резултати за вработување во сфера од која најдиректно зависи безбедноста на авиосообраќајот.

Кога ги виделе прашањата, кандидатите рекле „Ние ова не го знаеме!“, по што се договориле да не ги одговараат.

Стручниот колегиум со ова писмо побарал од директорот Фахрудин Хамиди овие кандидати никако да не бидат вработени без проверка на нивното предзнаење.  Но, промена на ставот на УО на М-НАВ немало. Огласот не само што не бил поништен вчера (29 декември) туку се дознало и дека кандидатите што одбиле тестирање за селекција, всушност веќе биле примени на работа, објави СДК.