Соединетите држави се способни истовремено воено да ги поддржуваат и Украина во нејзината војна против Русија и Израел по бруталниот напад без преседан од радикалното палестинско движење Хамас, тврдеше во средата американскиот министер за одбрана Лојд Остин.
„Можеме да ги спроведуваме и двете и ќе ги правиме и двете работи. Ние сме најсилната нација на светот“, изјави Остин во Брисел во седиштетот на НАТО.
САД започнаа со испорака на воена помош на Израел, вклучително и „клучна муниција“ и ќе обезбедат повеќе проектили пресретнувачи за израелскиот одбранбен систем „Железна купола“ (Iron Dome), рече Остин.
Вашингтон, исто така, во невралгичниот регион на Блискиот исток испрати трупи, вклучително и групација на носач на авиони, и подготвен е да распоредни дополнителни средства, додаде американскиот министер за одбрана.
„За секоја земја, за секоја оранизација, за секој кој размислува да ја искористи агонијата во Израел за да го прошири овој судир или да пролее уште крв, имаме само еден збор: Немојте. Ќе продолжиме да му го обезбедуваме на Израел она што му е потребно за да се заштити себеси и своите граѓани“, ја повтори Остин пораката на американскиот претседател Џо Бајден.