Граѓанската опција за Македонија најостро го осудува потпишувањето на срамниот Договор за наводно добрососедство меѓу Македонија и Бугарија. Како што се вели во соопштението во овој договор никаде не се спомнува македонскиот народ, но затоа пак, со него се откажуваме од грижата и поддршката на македонското национално малцинство во Бугарија. Според овој Договор македонскиот јазик е уставна категорија, а да потсетиме дека ние Македонците и кога не сме имале Устав сме имале јазик.
-Чествувањето на заедничката историја уште од денес започна со историски фалсификати, при што според зборовите на бугарскиот премиер Бојко Борисов, Илинденското востание се трансформира во Преображенско-Илинденско востание.
Илинден, за нас Македонците, беше и е симбол на македонската борба за независна и самостојна држава. Воведувањето на терминот Илинденско-преображенско востание како дел од заедничката историја со Бугарија, во најмала рака е збунувачко, ако не и историски инжинеринг кој ни се протнува на „мала врата“, со цел да се обезличи автентичната историја на македонскиот народ, пишува во соопштението на ГРОМ.
ГРОМ во соопштението вели дека со потпишувањето на ваквиот Договор, Зоран Заев не само што го изобличува Илинденското востание, туку и вековниот стремеж на македонскиот народ за сопствена држава.
-Затоа пак господинот Заев, со него ги задоволува апетитите на неговите налогодавачи кои всушност насилно и вештачки го донесоа на власт. ГРОМ уште еднаш нагласува дека нашите пратеници во законодавниот дом ќе гласаат против ратификацијата на ваквиот договор за наводното добрососедство и ќе дејствуваме во насока овој и ваков договор никогаш да не заживее, пишува во соопштението на ГРОМ.