Остра реакција на САД на изјавите на Додик за неодржливоста на БиХ

Заканите со распад на Босна и Херцеговина се неприфатливи, а САД цврсто го поддржуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на земјата, се наведува во пораката која вчера ја испрати американската амбасада во Сараево.

Тоа е реакција на заострената политичка реторика откако високиот претставник Валентин Инцко наметна закон со кој се забранува негирање на воените злосторства.

Со одлуката за измени на кривичниот закон на БиХ, објавена во петокот на самиот крај од својот мандат Инцко донесен неколку одлуки од кои не се задоволни сите три ентитета, а исто така овозможи во иднина секое лице кое ги негира воените злосторства, вклучувајќи го и колежот во Сребреница, или ги величи извршителите на тие злосторства да се казни со затвор до пет години.

Претседателот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, веднаш на тоа одговори со најава дека тој закон нема да го почитува и најави чекори кои треба веднаш да доведат до распад на БиХ, односно одвојување на Република Српска од нејзиниот состав. Во саботата дополнително повика да се потпише петиција во која сите Срби во БиХ би се изјасниле дека не ја прифаќаат одлуката на Инцко.

По тоа на адреса на Додик почнаа да пристигнуваат остри критики и закани, а бошњачкиот член на Претседателството на БиХ, Шефик Џаферовиќ, му порача дека со таквото однесување е на најдобар пат да заврши во затвор.

„Соединетите Американски Држави остануваат цврсто приврзани на Босна и Херцеговина како демократска, мултиетничка, суверена и независна држава со неспорен територијален интегритет и нејзината иднина загарантирана во евроатлантската заедница на држави. Постапките или заканите поврзани со распаѓање на Босна и Херцеговина се неприфатливи и во спротивност со Дејтонскиот мировен договор и уставот на БиХ кои на ентитетите не им даваат право на отцепување“, гласи ставот на амбасада на САД.

На политичарите во БиХ им е упатен повик да прекинат со реториката на поделби и да се фокусираат на дијалогот и спроведувањето на реформите нужни на сите граѓани на земјата.

Додик, пак, во текот на денот на медиумите во РС им кажа дека нема да се окаже од реториката, а претседателот на владата на тој ентитет Радован Вишковиќ најави дека во следните денови ќе бидат преземени „низа потези кои ќе покажат дека ваква БиХ не може да функционира“.