Остварена средба меѓу рускиот в.д. амбасадор во ЕУ и дипломатската служба на ЕУ

Директорот за Русија во дипломатската служба на ЕУ, Микаел Сиберт го повика на разговори рускиот в.д амбасадор, Кирил Логвинов, соопштија двете страни.

Како што јавува дописничката на МИА од Брисел, Европската Унија преку Сиберт ја повторила својата најостра осуда за нелегалната анексија на четирите украински области од страна на Руската Федерација, и непризнавањето на референдумите.

Директорот за Русија во дипломатската служба на ЕУ побарала од рускиот амбасадор да пренесе во Москва дека мора итно да ја укине одлуката за анексија и веднаш да се повлече целосно од украинската територија.

Руската страна исто така издаде соопштение по оваа средба во кое се вели дека в.д. амбасадорот Логвинов на Сиберт му го предал говорот на рускиот амбасадор Владимир Путин одржан на 30 септември во Кремљ, и рекол дека непризнавањето на референдумите од страна на ЕУ, како и нејзината осуда, “нема да имаат влијание врз свесниот избор што го направија жителите а овие области во полза на Русија“.

На Логвинов му било повторено дека ЕУ ќе продолжи да му испраќа на Киев финансиска и воена помош, и му било најавен нов пакет на санкции против Москва.

Русија и порачала на ЕУ дека овие унилатерални мерки се нелегитимни и неоправдани, стои во руското соопштение, и испратено е предупредување дека овие мерки ќе имаат последици врз глобалната енергетска и прехранбена безбедност, тоа истовремено ќе ја влоши социоекономската состојба на европските граѓани.

Москва преку амбасадорот додала дека идејата за создавање воена мисија за помош на Украина од страна на ЕУ ќе се смета за директно инволвирање на ЕУ во војната, “со сите последици што тоа ги носи“, информираше руската страна во Брисел.

Одлуката да се свика рускиот дипломатски претставник во ЕУ било координирана одлука на сите земји членки на ЕУ по последната ескалација од страна на Русија во војната, рекоа од ЕУ.