Две лица осудени за убиства, ископале подземен тунел и побегнале од затвор во бугарскиот главен град Софија, во ноќта меѓу средата и четвртокот, објавуваат тамошните медиуми.
Според првичните објавени информации, бегалеците се четириесет и шестгодишниот бугарски државјанин Николај Крстев Николов-Шатката, кој издржувал дваестегодишна казна за убиство, и четириесет и осумгодишниот гватемалец Хосе Луис Гевара Мартинес, осуден за убиство во обид, крадење возила и поседување оружје.
Затворските власти утврдиле дека осудениците побегнале во четвртокот околу 20.30 часот, но според досегашната истрага, тие најверојатно побегнале два часа порано.
Двајцата успеале да ископаат долг подземен тунел, преку кој побегнале од затвора.
Тие работаеле како сервисери за парно во затворот и најверојатно одлично го познавале подземјето на казнената установа.
Истражните органи увтрдуваат дали некој друг од затворениците им помогнал на беглаците да го ископаат тунелот. Бугарската полиција ги блокирала граничните пунктови кон Србија, Грција и кон Македонија, објавуваат софиските медиуми.