Осум кандидати ќе содржи гласачкото ливче кога конзервативните пратеници во британскиот парламент во средата ќе гласаат за избори на наследник на челникот на партијата и премиер Борис Џонсон, најави во вторникот претседателот на Комитетот 1922, сер Греам Бреди.
И покрај жестокиот отпор, Џонсон беше принуден да се повлече од позицијата откако повеќе од 50 високи владини функционери поднесоа оставки како протест против неговите политики и низата скандали и афери поврзани со него, но ќе остане не премиерската позиција додека на почетокот од септември не биде избран неговиот наследник во партијата.
Риши Сунак, Лиз Трас, Том Тугендат, Кеми (Олукеми Олуфунто) Баденох, Пени (Пенелопа Меди) Мордонт, Џереми Ханг, Надим Захави и Суела (Сју-Елен Касијана) Браверман обезбедија 20 потписи од конзервативните колеги пратеници неопходни за кандидирање.
Неколку минути пред објавата во просториите ја Комитет 1922 на Конзервативната партија, телото коешто ќе го надгледува изборот на наследникот на Џонсон, поранешниот министер за здравство Саџид Џавид објави дека се повлекува, бидејќи очигледно не успеал да привлече доволно поддршка. Претходно министерот за сообраќај Грент Шапс, исто така, најави дека ја откажува својата кандидатура и дека ќе го поддржи поранешниот министер за финанасии Сунак.
Во меѓувреме министерката за надворешни работи Трас доби поддршка од истакнатите лојалисти на Борис Џонсон, како што се Џејкоб Рис-Мог, Надин Дорис и Џејмс Клеверли, што меѓу ториевците се толкува како потег чијашто цел е да се спречи победата на Сунак.
Многу приврзаници на Џонсон и натаму се гневни на Сунак, поради улогата што ја одигра во соборувањето на премиерот и партиски челник. Имено, Сунак и Џавид поднесоа оставки во вторникот ноќта минатата седмица и наведоа десетици помлади колеги да го следат нивниот премиер, со што го принудија својот поранешен шеф да отстапи од позицијата лидер на ториевците 36 часа подоцна.
Сунак има тесно водство пред Трас во последната анкета за популарноста меѓу членовите на Конзервативната партија.
Тригодишниот мандат на Џонсон, кој дојде на власт во 2019 година по повлекувањето на неговата претходничка Тереза Меј а следната ја оствари една од најголемите изборни победи на конзервативците, беше одбележан со скандали, излегувањето на земјата од Европската унија, пандемијата на коронавирусот и војната во Украина.
Членовите и делегатите на Конзервативната партија би требало да го изберат својот нов лидер пред годишната партиска конвенција на почетокот од октомври. Вкупно 358 пратеници на ториевците ќе гласаат во повеќе кругови сѐ додека не бидат избрани два кандидата за завршниот круг од гласањето. Името на победникот на изборите на конзервативците и следствено нов британски премиер ќе биде познато на 5-ти септември.