Осум лица настрадаа во налет на автомобил во пешаци во Токио

Осум лица се повредени во намерно залетување на автомобил во пешаци во текот на новогодишната ноќ во Јапонија, возачот е приведен, а полицијата соопшти дека извршил „терористички чин“, пренесуваат ноќта кон вторникот јапонските медиуми.

Според јапонската јавна телевизија NHK, меѓу настраданите е и еден тинејџер кој е во кома. Шест други лица се здобиле со сериони повреди. Според кадрите коишто ги емитуваше телевизијата, возилот по влетувањето меѓу пешаците е многу оштетено, скрешена е шофершајбаната и набиен е предниот дел.

Инцидентот се одиграл во првите минути од новата 2019 година по локално време на пешачката улица Такешита-дори, недалеку од Мејиџи-џинг, главниот шинтоистички храм во Токио, каде што многу Јапонци традиционално ја пречекуваат новата година.

Улицата Такешита е пешачка зона, но движење на возилата е можно само со специјална дозвола само во еден правец, а тоа главно се однесува на мали транспортни возила кои се користат за испорака на стоки.

Според агенцијата Kyodo, автомобилот со кој биле косени пешаците, бил изнајмен во градот Осака. Возачот, на возраст околу 30-те години, се обидел да избега, но по дваесет минути бил уапсен од полицијата.