Најмалку осум лица загинале во разорниот пожар кој зафатил неколку станбени контејнери во чешкиот град Брно, објави тамошната противпожарна служба во четвртокот.
Пожарот избувнал околу 2 часот наутро и брзо се раширил, изјавил портпаролот на противпожарната служба во југоисточниот чешки град Брно.
„Ниеден од жителите не можел да се спаси од пеколот. На местото на настанот не можевме да му помогнеме никому“, изјавил портпаролот на спасувачките служби.
Чешкиот премиер Петр Фиала изрази сочувство на семејствата на загинатите.
„Ова е огромна човечка трагедија којашто никого не остава рамнодушен“, истакна во објавата на Twitter градоначалничката на Брно, Маркета Ванкова.
Брно е втор по големина чешки град, на околу 200 километри од престолнината Прага.
Пожарникарите се справувале со пламенот целата ноќ. Конструкцијата од 12 станбени контејнери била размонтирана за да се откријат скриени џебови на пожарот. Дури во раните утрински часови пожарот конечно бил изгаснат.
Фотографиите покажуваат дека на прозорците биле прицврстени решетки поради коишто не можело да се избега низ нив. Жртвите сѐ уште не се идентификувани. Мора да се претпостави дека станува збор за бездомници, изјави портпаролот на полицијата. Истрагата за причината за избувнувањето на пожарот е во тек, и допрва треба да се утврди дали бил подметнат, изјавил за агенцијата CRK портпаролот на полицијата.