Осум повредени во земјотресот со магнитуда 5,1 во западен Иран

Земјотресот со магнитуда од 5,1 степени по Рихтер го погодил во саботата попладнето западен Иран, при што се повредени осум лица според првичните сознанија од теренот, пренесе иранската државна телевизија, додавајќи дека двајца од повредените морале да бидат хоспитализирани.

Според извештајот на сеизмографскиот центар како дел од мрежата на Институтот за геофизика во Техеран, потресот се случил во 18,55 часот по локално време, или 16,25 часот по македонско време, на длабочина од 8 километри, пренесува агенцијата Irna.

Епицентарот на земјотресот е регистриран на 7 километри од Сарпол-е-Захаб, 20 километри од Каср-е-Ширин и 37 километри од Гилан-е-Гарб, во западните подрачја на Иран.

Во земјотресот со магнитуда од 7,3 по Рихтер кој го погоди на 12-ти ноември блиското подрачје на сегашниот потрес, згинаа 630 лица а беа повредени уште 12.386 луѓе, во покраината Корамншах. Од тогаш до 26-ти декември биле регистрирани повеќе од 1.600 последователни удари во овој регион.

Иран е една од најсеизмички активните области во светот, бидејќи се наоѓа на крстосувањето на неколку големи активни раседлини кои зафаќаат околу 90 отсто од земјата. Поради тоа чести се земјотресите со магнитуди коишто имаат разорни дејствија врз инфраструктурата а во историјата предизвикувале масовни човечки жртви.