Осум пријави за исчезнати лица од почетокот на 2015

Низа мистериозни исчезнувања се забележани изминативе неколку години во земјава. Дел од лицата кои биле пријавени за исчезнати се пронајдени, а пак од некои со години нема ниту трага ниту глас и по нив полицијата се уште трага.

Така, во Македонија во 2008. година имало пријава за 111 исчезнати лица, во 2009. пријавени за исчезнати биле 84 лица, во 2010. распишана е централна објава за 127 исчезнати лица, во 2011. година полицијата трагала по 130 лица, додека пак во 2012. за исчезнати биле пријавени 153 лица. Најмногу исчезнувања во земјава имало во 2013. година – 160 лица.

Од почетокот на 2015. година регистрирани се осум пријавени случаи на исчезнување, од кои во пет станува збор за малолетници.

На први јануари во полициска станица е пријавено исчезнувањето на 22-годишна девојка од селото Љуботен. Исчезнувањето го пријавил нејзиниот брат. Два дена подоцна, на трети овој месец, пријавено е исчезнување на дваесет и тригодишно момче од селото Старо Нагоричане.

Утредента во полициска станица од страна на социјален работник било пријавено исчезнување на 13-годишно дете од домот за деца без родители „25-ти мај“. На Божик, седми јануари, во полициската станица во Штип беше пријавено исчезнување на дванаесетгодишна малолетничка. Исчезнувањето го пријавил нејзиниот татко.

Седумнасетгодишниот А.А. на 11. јануари бил пријавен за исчезнат во полициската станица Бит Пазар, а веќе наредниот ден бил пријавен нов случај – исчезнување на 13-годишно девојче од домот за деца без родители „25-ти мај“.

Најнови во низата исчезнувања се два случаи, едниот во Скопје, а другиот во Тетово. Имено, на дваесетти овој месец во полициската станица Бит Пазар било пријавено исчезнување на шестнаесетгодишна малолетничка од Скопје, а истиот ден тетовчанка во полициската станица во Тетово го пријавила исчезнувањето на нејзиниот татко, кој е на педесет и шест годишна возраст.

Најстариот се уште нерешен случај на исчезнато лице во земјава е од 1982 та година. И по 33 години случајот се уште е отворен.