Осум републиканци без Трамп ќе учествуваат на првата предизборна дебата во САД

Републиканскиот национален комитет соопшти дека вкупно осум кандидати за претседателска номинација на Републиканската партија се квалификувале за првата предизборна дебата во Милвоки, во американската сојузна држава Висконсин.

Гувернерот на Флорида Рон Де Сантис, поранешната гувернерка на Јужна Каролина, Ники Хејли, поранешниот американски потпретседател Мајк Пенс, поранешниот гувернер на Њу Џерсим Крис Кристи, сенаторот од Јужна Каролина Тим Скот, конзервативниот претприемач Вивек Рамасвами, гувернерот на Северна Дакота, Даг Бургум и поранешниот гувернер на Арканзас, Хуч Аса.

На дебатата нема да учествува поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, кој наместо тоа ќе биде интервјуиран од еден од најпопуларните американски водители, Такер Карлсон.

Трамп најави дека нема да учествува на дебатите бидејќи, како што рече, граѓаните знаат каков успешен претседателски мандат имал. Ставот на Трамп произлегува и од многу убедливото водство што го има во анкетите за освојување на републиканската номинација.

За да се квалификуваат за дебатата, кандидатите требаше да ги исполнат барањата на Републиканскиот национален комитет и да потпишат изјава со која ветуваат дека ќе го поддржат републиканскиот кандидат за претседател.

Дебатата ќе ја водат новинари од конзервативната телевизиска мрежа Fox News, а ќе започне подоцна во средата во 21 часот по локално време.