Осум земји од ЕУ повикаа на санкции против рускиот правосуден систем поради смртта на Навални

Осум земји од ЕУ денеска повикаа на санкции против обвинителите, судовите и затворските службеници во Русија поради смртта на критичарот на Кремљ Алексеј Навални на почетокот на овој месец.

Писмото испратено до високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел, го потпишаа министрите за надворешни работи на Чешка, Естонија, Финска, Литванија, Летонија, Полска, Шведска и Романија. Сепак, официјални лица рекоа дека писмото го поддржале и Холандија, Франција, Ирска и Данска.

„Смртта на господин Навални е уште еден сигнал за забрзаните и систематските репресии во Русија. Ова бара колективна акција. Сметаме дека постојат сериозни основи за посебен режим на санкции, специфичен за Русија и прилагоден на ситуацијата во земјата“, напишаа министрите за надворешни работи.

„Новиот режим ќе обезбеди солидна правна основа за изготвување список на лица од рускиот репресивен државен апарат, вклучително и оние кои учествуваат во политички мотивирани судења против членовите на граѓанското општество и демократската опозиција и нивното последователно притворање, како што се одговорните во синџирот на правдата (обвинители, судови, затворски службеници)“, се додава во писмото.