Во времињата кога се чини дека суперхероите се насекаде присутни, а ги има и буквално десетина во последниот холивудски филм „Одмаздници“, еден сепак се издвојува, а тоа е Супермен.
Осумдесет години откако првпат се појави во изданието „Action Comics #1“, објавено во јуни 1938 година, Супермен и натаму е американска културна икона и неспорна ѕвезда на стриповите. Неговата издавачка куќа „DC Comics“ во моментов смета на него повеќе од кога и да е порано.
„Тој беше модел, урнек за сите подоцнежни идеи за суперјунаците. Супермен е идеализиран до крајност. Секогаш ја прави вистинската работа и секогаш настојува да направи нешто добро“, вели за AFP Џаред Смит продавач на стрипови од Вашингтон.
Во првото издание на „Action Comics“, коешто всушност било збирка од повеќе стрипови, Супермен добил 13 страници простор на кои е објаснета приказната за Кал-Ел, вселенскиот жител со натприродни моќи од планетата Криптон кого таткото го испраќа на Земјата за да го спаси од планетата којашто ќе биде уништена.
Успехот бил моментален. Не минало долго време пред Супермен да добие цело издание само за себе. Осумдесет години подоцна, формулата е иста. Суперхеројот секогаш е во својот „црвено-сино-жолт“ костум со симболот „Ѕ“ на градите. Во појавувањата на големиот и на малиот екран, стрип или во видеоигрите, секогаш се бори за вистината, правдата и секогаш „американски начин“.
„Мислам дека е восхитувачки фактот дека овој лик не само што покрена цел жанр во стрипот, туку остана и неговите срце и душа сето тоа време“, вели цртачот на стрипови Мајкл Бендис.
Супермен на Земјата е имигрант кого го израснуваат фармер и неговата сопруга во измисленото гратче Смејлвил. Го добива името Кларк Кент, а кога ќе порасне се преселува во Метрополис и станува новинар.
Неговите двајца творци, Џери Зигел и Џо Шустер биле средношколци кога идејата за ликот на Супермен првпат им дошла на ум. Нивните родители биле еврејски доселеници, а нивниот лик го персонифицира американскиот сон: метафората на бројните имигранти кои 1930-те годни бегале од Европа за да најдат мир и напредок во Америка.
Спорадично популарноста на Супермен и опаѓала. Неговата совршеност понекогаш била премногу за несовршената публика, којашто се свртуваше кој Спајдермен или Иксмен, со чиишто недостатоци полесно можат да се идентификуваат.
„Го направиле надмоќен и ништо стварно не можеше да му се закани. Затоа го измислија криптонитот од неговата планета со којшто може да му се одземе дел од силата“, појаснува Смит.
За донекаде да го усогласат со општеството, авторите се обидувале да го синхронизираат со политичките или социјалните промени низ времињата. Така неодамна посака да го врати американското државјанство во знак на протест против владата којашто, како што мислеше, го предала. Во друга приказна спасува работник имигрант од бел расист. Како и секогаш, се бореше на „американски начин“.