Осуммина приведени за нападот на полицајци на Бит пазар

Осум лица се проведени вчера поради нападот над полицајци за време на полициска акција на Бит пазар пред Новата година, информира денеска Министерството за внатрешни работи.

МВР соопшти дека во вчерашната акција приведени се Н.А. (28), С.С. (32), А.Е. (37), С.А. (37), С.А. (32), Е.С. (37), М.Ш. (40) и Џ.Ф. (37) сите од Скопје.

Полицијата наведува дека на 29-ти декември лани Н.А. со нож прободел полицаец, а другите седуммина ги спречувале припадниците на единицата „Алфа“ во вршење на нивните должности.

„За кривичното дело – “напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“, од страна на Судија во претходна постапка, на Н.А. му е изречена мерка притвор, додека на С.С., А.Е., С.А. и С.А. за сторено кривично дело – “спречување службено лице во вршење службено дејствие“ исто така им е одредена мерка притвор. За истото кривично дело на Е.С., М.Ш. и Џ.Ф. им се изречена мерка внимателност“, се вели во соопштението од МВР.

За потсетување, инцидентот се случи додека полицијата вршеше акција за заплена на пиротехнички материјали и приведување на продавачите. Кога полицијата уапсила две лица кои нелегално продавале пиротехника и ги ставила во службено возило се собрала толпа од 500 до 700 луѓе кои ја блокирала улицата и ги попречиле полицајците.

„Во толпата биле сите пријавени, при што А.Н. со физичка сила прво почнал да турка еден полициски службеник, а потоа извадил метална палка и го удрил во пределот на коленото, а другите седумина пријавени спречувајќи ги полициските службеници во вршењето на нивната должност, овозможиле на толпата да ја земе запленетата пиротехника и да ги ослободи двете лица, кои претходно биле лишени од слобода. За да го одбие нападот од А.Н., како и од други лица од толпата, кои го влечеле и туркале, полицискиот службеник испукал два проектила во воздух за предупредување. Тогаш, А.Н. се повлекол и извадил нож, со кој на полицискиот службеник му нанел убодна рана во задниот дел од бутот, по што службеникот испукал уште два куршума во воздух за да го одбие од себе напаѓачот и масата“, се наведува во информацијата од МВР.

Ситуацијата беше ставена под контрола по пристигнување на значително полициско засилување од седум тимови од „алфа“ единицата

Сите пријавени се познати сторители на деликти проследени со насилство, недозволена трговија со оружје, фалсификување пари и имотни деликти за што од надлежен Суд им се изречени затворски казни, а на С.С. и С.А. им се изречени условни казни затвор за недозволена трговија со пиротехнички средства.