Со голем црковно-народен собир денеска беше осветен и отворен новиот црковен храм „Св. Јован Крстител“ во општина Аеродром, изграден со донација на градежната компанија Адора Инженеринг и ктиторот Ванчо Чифлиганец.
Осветувањето го изврши поглаварот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, г.г. Стефан со митрополитите: брегалнички Иларион, тетовско-гостиварски Јосиф, кумановско-осоговски Јосиф, епископот Хераклејски Климент и повеќе свештеници на МПЦ, во присуство на ктиторот Чифлиганец, градоначалници, претставници на државните институции, бизнис личности и голем број православни верници и граѓани на Скопје и Македонија.
Архиепископот Охридски Македонски во знак на благодарност на ктиторот Ванчо Чифлиганец му додели орден Свети Климент Охридски од Прв ред, највисоко признание на МПЦ, а ктиторот Чифлиганец на г.г. Стефан симболично му го предаде клучот од црквата Свети Јован Крстител и позлатен орден.
Новиот храм „Св. Јован Крстител“, кој две години се градеше на атрактивна локација, во паркот со авион во општина Аеродром, на кејот на реката Вардар, е петкуполна црква со специфична, древна архитектура, а во комплексот има камбанарија, фонтана и парк. Во црквениот комплекс има камбанарија висока 18.5 метри, фонтана во облик на крст со три водоскоци, природен камен стар 25 милиони години тежок 15 тони, донесен од рудникот Бучим во Радовиш а дворот е партерно и хортикултурно уреден со места за одмнор на посетителите.
Црквата за која е објавена книга на македонски и англиски јазик е ново препознатливо обележје на општина Аеродром. Свеченото отворање на црковниот храм беше збогатено со културно уметничка програма со настапи на познати имиња од црковната, народната и забавната музика.