Во Кавадарци е осветено новото духовно светилиште за сите православни христијани, црквата „Света Петка Преподобна“.
На осветувањето присуствуваа претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов заедно со неговата сопруга Маја Иванова, министерот за финансии Зоран Ставрески и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
Присуствуваа голем број на граѓани, како и бројни високи претставници од политичкиот и деловниот врв.
Претседателот Иванов, како што пренесува МИА, во изјава за медиумите рече дека е чест да се присуствува на осветувањето на прекрасниот храм.
– Храмовите се места каде верниците доаѓаат по својата вера, надеж и љубов. Се надевам дека овој храм на сите верници од Кавадарци и околината ќе им донесе многу радост, многу среќа и вербата во Бога да ја негуваат, учествувајќи на сите настани кои ќе се одбележуваат во оваа црква, порача Иванов.
Кавадаречкиот градоначалник Александар Панов нагласи дека денеска во Кавадарци уште еднаш злото се победи со доброто.
– Квадарци ја доби оваа убавица. Би сакал од мое лично име да посакам на сите граѓани на општина Кавадарци и на сите од Република Македонија оваа црква да биде место каде ќе се случуваат многу бракови, место и клупи каде ќе се разменат многу бакнежи помеѓу нашите млади, место каде нашите баби ќе ги гледаат своите внучиња и место кое ќе означи голем пород и зголемување на наталитетот што е крајна цел на градот Кавадарци и Република Македонија, рече Панов.
Зад проектот за изградба на црквата стојат ктиторите „Фени Индустри“, општина Кавадарци, „Кожувчанка“ и „Градба промет”, како и уште бројни други донатори, фирми и граѓани од Кавадарци и Македонија, а со благослов и духовно водство на Митрополитот Повардарски г. Агатангел.
– Денеска црквата станува реалност и тоа е Божја волја. Чувствувам и радост и одговорност што успеавме да го оствариме тоа што го замисливме. Сметам дека кавадарчани ја заслужуваат оваа преубава црква која мислам дека е една од најубавите, рече Константинос Даскалакис, генерален директор во „Фени Индустри“.
Никола Наумов од „Градба промет“ изрази задоволство што се дел од проектот за изградба на црковниот храм. Посака многу здравје, љубов и среќа за сите.