Освојувањето на Бахмут ќе овозможи нови офанзиви, оцени Шојгу

Рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу, кој веќе три дена престојува во близина на боиштето во Украина, порача во вторникот дека освојувањето на градот Бахмут (Артјомовск, на руски) на границата од источниот проруски регион Доњецк, ќе им овозможи на руските сили да започнат нови напредувања.

Руските сили го држат во клешти тешко утврдениот град Бахмут, чие значење сега Киев и Западот го минимизираат но станува збор за важна одбранбена позиција која го штити главниот команден центар на украинските сили на источниот дел од фронтот. Шојгу во вторникот рече и дека Западот ги зголемува испораките на оружје во Украина, но истакна дека тоа нема да го промени текот на случувањата на боиштето.

„Ослободувањето на Артјомовск продолжува… Градот е важен центар за одбрана на украинските единици во Донбас. Преземањето на контролата над него ќе овозможи офанзивни акции длабоко во украинските одбранбени линии“, изјави Шојгу во обраќањето пренесувано на руската телевизија потсетувајќи дека како резултат на офанзивата на руските сили во правците Доњецк и Купјанск Николаевка, Двуречное, Краснаја Гора, Грјаниковка и Парасковиевка.

Основачот на руската приватна воена компанија „Вагнер“, Евгениј Пригожин, чиишто единици ги спроведуваат борбените дејствија во Бахмут уште во петокот објави дека неговите борци ги контролираат приодите кон градот и оти се на километар од самиот центар.

Во вторникот еден од челниците на проруските сепаратисти во Доњецк, Јан Гагин, изјави за телевизијата Россия 24 дека руските единици под контрола имаат половина од Бахмут и оти во градот веќе е навлезена и руската артилерија. Според него, украинските војници во помали групи се обидуваат да отстапат во правец на блиските села, бидејќи асфалтираните патишта или се уништени или ги контролираат руските трупи. Според неговата процена, во моментов во Бахмут има малку повеќе од 10.000 украински војници.

Украинскиот генералштаб објави дека ќе ги продолжи борбите за Бахмут по советувањето со претседателот Володомир Зеленски, иако имаше повици и од западните сојузници на Киев, украинските трупи да бидат повлечени од тоа боиште и да се сочуваат за најавената пролетна офанзива.

Во неделата американскиот дневен весник The Wall Street Journal објави дека изминатите месеци украинската војска во борбите за Бахмут загубила неколку од своите најобучени единици. Во написот се нагласува дека податоците за загубите се класифицирани, но некои украински функционери, под услов да останат анонимни, признаваат дека се значителни. Офицерите во некои други бригади, наведува WSJ, велат дека неколку единици, меѓу кои и некои од најдобро обучените, биле тешко поразени во борбите за Бахмут. Весникот, исто така, не ги прецизира податоците за загубите и размерите на уништените единици кои му биле соопштени.

Бахмут е на работ од административната граница на отцепениот регион Доњецк во тесниот појас кој го контрола Киев и е важен транспортен центар за снабдување на украинската група војници во Донбас, а по него се отвора патот и во северна и во јужна насока, но и кон централна Украина.