ОТА: Од страна на ОТА не е набавен, не се користел ниту се користи споменатиот софтвер Предатор

За жал, и покрај јавните објави и деманти од страна на ОТА, продолжува трендот на манипулирање на јавноста со свесно креирање и објавување на невистинити содржини од страна на политички центри на моќ и нивно пласирање во дел од медиумите.

Во оваа прилика уште еднаш повторуваме и со сигурност уверуваме дека од страна на ОТА не е набавен, не се користел ниту се користи споменатиот софтвер „Предатор“ и малициозна е намерата да се направи било каква поврзаност на ОТА со настаните во Р.Грција, а особено кога истото е веќе јавно демантирано.

По спроведувањето на реформите во делот на следењето на комуникациите и формирањето на ОТА како самостоен и независен државен орган, основна мисија и цел на ОТА е придонесување кон враќање на изгубената доверба на јавноста кон еден особено чувствителен институционален сегмент.

Во таа насока ОТА посветено работи на воспоставување на законски, безбеден, ефикасен и контолабилен систем за следење на комуникациите. Со воспоставените механизми на заштита од страна на ОТА, следењето на комуникации без издадена судска наредба во Република Северна Македонија е минато и масовно следење не е и нема да биде возможно.

Во насока на заштита на јавниот интерес, апелираме на одговорно постапување од страна на сите чинители, како и на промптно институционално постапување за што веќе е известено Јавното обвинителство.

Оперативно-техничка агенција