Откако му раздаде памет на Заев: Со полициско досие наместо во – на чело на „Шутка“

Филип Андов (д) во друштво со премиерот Зоран Заев и градоначалникот на Кисела Вода, Филип Темелковски (l)

Во вторникот на владина седница, како предлог за новите кадровски решенија на Комисијата за именување, чиј претседател е вицепремиерот Љупчо Николовски, беа именувани 17 директори на државни институции, од кои само Сања Лукаревска остана на истата позиција, другите ротираа на други раководни позиции, а некои, пак, првпат се именувани на менаџерска позиција. Меѓу новоизбраните директори е Филип Андов познат како „Сокол“, кој стана в.д. директор на истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари.

На оваа позиција Андов доаѓа на местото на досегашниот директор на затворот Есад Рахиќ, а пред да стане советник на премирот Зоран Заев до пред три години, Сокол менаџираше маалски барови и зад себе има и еден неуспешен обид да стане угостител.

Меѓутоа, очигледно во угостителството не завршуваат амбициите на Андов, па откако Зоран Заев и СДСМ го добија мандатот, Сокол стана советник на премиерот за „креирање политики кои се од посебен интерес за граѓаните на Град Скопје“. Тогаш за медиумите Андов се претставуваше како „стопанственик во бизнис секторот“, чија ангажираност кај премиерот не е поврзанасо партиска припадност и што не влијае врз неговите „професионални активности кои ги извршува за Владата“.

Но, за каква компетентна личност станува збор, пошироката јавност се дозна кога во јуни годинава, во текот на кампањата за предвремените парламентарни избори, Сокол предизвика инцидент кога вербално му се закануваше на оперскиот првенец и тогаш кандидат за пратеник на опозицијата, Игор Дурловски. Притоа Андов, како што впрочем пријави Дурловски во полицијата, со „БМВ“ со бугарски регистарски таблички му ја загрозил и физичката безбедност во сообраќајот.’ Меѓутоа, и оваа пријава мина без никаква реакција од надлежните органи, како впрочем и претходните за истото лице.

Претходно случен инцидент, кој за среќа остана само на вербално препукување, Сокол имаше и во 2018 година со лидерот на ГРОМ Стевчо Јакимовски во скопската населба Капиштец.

Инаку Андов има интересно минато зад себе. Еднаш беше пукано во него, но и прегази човек со мотор.

На 11 ноември 2017 година на улицата „Антон Панов“ во општината Кисела Вода од возило со движење биле испукани неколку куршуми, по што возилото со голема брзина го напуштило местото.

Истата година неколку месеци порано Филип Андов е вмешан во сообраќајна незгода во која беше повредено едно лице, откако тој со мотоцикл удрил во човекот кој сакал да премине на пешачки премин.

Андов во јавноста е познат по тоа што пред неколку години со својот џип влета во група граѓани кои протестираа пред седиштето на СДСМ на „Бихаќка“, Ажа беше и дел од насилниците кои го вандализираа Скопје за време на организираните протести од страна на СДСМ против преименувањето на улиците.

ВМРО-ДПМНЕ во времето на назначувањето за советник обвини дека за Андов постојат и кривични пријави за насилство кои стојат во фиока. Неговиот брат е полицаец, а негови добри пријатели се градоначалникот на Кисела Вода, Филип Темелковски и директорот на зоолошката градина Ѓорѓи Галетановски.

Филип Андов има и полициско досие, уште во 1994 година кога првпат е регистриран во полиција за извршување дело „Предизвикување на општа опасност“. Во 2008 е регистриран и за други четири кривични дела: Надриписарство, Измама – продолжено кривично дело; Фалсификување на исправа и Употреба на исправа со невистината содржина. Четири години подоцна во 2012 година е пријавен за две кривични дела: Учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие.

Сега, веројатно според мерилата и стандардите на Заев, наведните нешта престставуваат збор за „препораки“ токму Сокол да биде компетентен да раководи со споменатата казнена установа, наместо извесен период да стане нејзин „корисник“.