Уште едно рочиште пред Судот на Босна и Херцеговина против челникот на Република Српска, Милорад Додик, беше откажано откако одбраната продолжи да ги користи процедуралните опции и побара изземање на судиите во случајот во кој му се суди за непочитување на одлуките на високиот меѓународен претставник, кого инаку не го признава официјална Бања Лука.
Додик во судницата ги навредуваше обвинителите, велејќи дека тие „воопшто не се никакви правници, туку обични никаквеци“, повторувајќи ги тврдењата дека станува збор за политички процес. Одбраната потоа побара изземање на претседателот на судскиот совет, Мирсад Стрика на седум други судии кои работат на случајот.
Судијата Стрика предложи да се раздвои судската постапка против претседателот на Република Српска, Милорад Додик и директорот на Службен весник на Република Српска, Милош Лукиќ, поради неговата здравствена состојба. Лукиќ вчера итно е хоспитализиран и задржан на лекување во Бања Лука, па денеска не присуствуваше на судењето.
Судот на Босна и Херцеговина треба подоцна да донесе одлука за разрешување на судиите. Претходно одбраната на Додик побара изземање на обвинителот, но ова барање беше одбиено.
По излегувањето од судницата, лидерот на Република Српска изјави дека судската постапка против него е политички мотивирана и дека зад се стојат „странците“, алудирајќи во прв ред на западните земји.
„Уште еднаш се покажа дека судот и обвинителството се политички инструирани, дека не смеат ниту да мрднат без странците. Ова е чист политички процес кој не е поткрепен со правни факти“, рече Додик.
Додик уште еднаш го нарече „лажен висок претставник“ германскиот политичар на чело на меѓународната администрација Кристијан Шмит и за себе тврдеше дека направил сѐ според Уставот на Република Српска. Мандатот на Шмит го оспоруваат и во Бања Лука но и Русија и Кина, со тврдења дека тој не е легално избран за висок претставник бидејќи назначувањето на Управниот комитет на Советот за спроведување на мирот (ССМ) не е официјално потврдено од Советот за безбедност на ОН
Тој оцени дека нема да може да биде осуден на затворска казна поради обвиненијата против него.
Додик и директорот на Службен весник на Република Српска, Лукиќ, беа обвинети дека овозможиле објавување на два закона донесени од парламентот на Република Српска, иако високиот претставник со своите одлуки ги поништил. За тоа дело сега се соочуваат со казна затвор од шест месеци до пет години, а осудата би значела автоматска забрана за вршење политичка функција.
Лидерот на Република Српска со години го оспорува авторитетот на високиот меѓународен претставник и е во постојан конфликт со Канцеларијата на високиот претставник и американската администрација поради најавите дека би можел да иницира отцепување на Република Српска од Босна и Херцеговина поради на наметнати одлуки и закони, коишѓто според Додик се во спротивност до Дејтонскиот мировен договор од 1995 година.