Откажувањето на концертите на Тејлор Свифт во Виена нема да влијае на оние во Лондон

Британската полиција соопшти дека нема индиции оти планираниот напад на концертот на Тејлор Свифт во австриската престолнина Виена би можел да влијае на нејзините концерти следната седмица на стадионот „Вембли“ во Лондон, каде што американската пејачка треба да ги изведе последните пет концерти од нејзината европска турнеја.

Трите концерта во Виена, кои се очекуваше да привлечат 195.000 луѓе, беа откажани во средата откако тамошната полиција соопшти дека спречила напад од 19-годишен Австриец кој планирал да ги нападне обожавателите со бомба или нож.

Нејзината рекордна светска турнеја „Eras” пристигна во Велика Британија во јуни, со концерти во Единбург, Ливерпул и Кардиф, пред да го посети Лондон на три ноќи кога во побликата беа присутни и премиерот Кир Стармер и членовите на кралското семејство.

Тејлор Свифт се враќа на „Вембли“ на 15-ти август со пет ноќни концерти пред да се врати во Северна Америка на последните шоуа од нејзината турнеја „Eras“, којашто според процените е концертна турнеја со најголема заработка на сите времиња.

„Нема индиции дека инцидентот што го истражуваат австриските власти ќе има некакво влијание врз претстојните настани овде во Лондон“, рече портпаролот на лондонската Метрополитен полиција.

Лондонската Метрополитен полиција соопшти дека милиони посетители секоја година имале безбедно и пријатно искуство на настани од висок профил во Лондон, вклучувајќи го и концертот на Брус Спрингстин на „Вембли“ претхоно во јули.

„Полицијата тесно соработува со безбедносните тимови и други партнери за да обезбеди соодветни безбедносни услови. Како и секогаш, ние ќе продолжиме внимателно да ги следиме сите нови информации“, рече портпаролот.

Спречениот напад во Виена потсети на минатите напади на концерти и стадиони, вклучувајќи го и бомбашкиот напад во „Манчестер Арена“ во мај 2017 година, каде настапуваше пејачката Аријана Гранде кога беа убиени 22 тинејџери.

Полицијата во Велика Британија е веќе во состојба на готовност по избувнувањето на расистички немири насочени кон имигрантите и муслиманската заедница по убиството на три девојчиња на час по танцување со музиката на Тејлор Свифт во Саутпорт на 29-ти јули.