Откриен е мотивот за 18-часовното заложништво во Хамбург-родителите биле во кавга за старателство

Човекот кој со својот автомобил помина низ оградата на аеродромот во Хамбург и ја држеше ќерка си 18 часа како заложник по преговори е уапсен, а девојчето не е повредено.

Како што јави Би-би-си, властите веруваат дека овој настан се случил по конфликт меѓу таткото и мајката на девојчето, за тоа кој ќе го воспитува и дека киднапирањето дошло по таа расправија.

Мајката на детето синоќа ги известила итните служби и полицијата дека е однесена нивната четиригодишна ќерка. Портпаролката на полицијата во Хамбург, Сандра Левгруен, претходно денеска изјави дека мажот не се согласува со некои од одлуките на властите во врска со договорот за тоа кој ќе биде одговорен за воспитувањето на детето, па затоа сакал да отпатува во Турција со детето.

Мажот и неговата ќерка, која ја држел како заложник на аеродромот, го напуштиле автомобилот со кој осомничениот претходно ја пробил безбедносната бариера на северната капија на аеродромот.